Фудбалска федерација на Македонија денеска официјално соопшти дека Бошко Ѓуровски е нов селектор на машката сениорска репрезентација. Тој потпишал договор на две години со можност за продолжување на уште две. Договорот почнува да важи од 1 јануари 2014 година.
– Одлуката за избор на новиот селектор беше донесена според претходно дефинираните критериуми на Фудбалската федерација на Македонија. Тренерското искуство, остварените тренерски резултати, имиџот во јавноста, карактерот, подготвеноста да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал и едукацијата на тренерите, како и покажаната желба за извршување на функцијата, пресудија изборот да биде на нашиот Бошко Ѓуровски.
Како Федерација, верувавме во неговите квалитети и способности, и сметаме дека со својот карактер, професионалност и, пред сѐ, успешно професионално тренерско искуство ќе ги подигне стандардите на работа, дека ќе биде селектор кој во даден момент ќе го прави најдобриот избор на фудбалери и ќе постави најсоодветна тактика зависно од противниците. Сметаме дека ќе биде селектор, кој со својот стручен тим максимално сериозно ќе му пристапува на секој натпревар, ќе создаде компактен тим, во кој поединците ќе бидат во функција на колективот и ќе имаме успех. Федерацијата со сите свои капацитети ќе го поддржи во неговата работа, ќе му обезбеди слобода и идеални услови за работа, а сѐ со цел, успех во следниот квалификациски циклус.
Веруваме дека имаме иднина, дека овој наш реномиран фудбалски работник ќе создаде синергија, напорно ќе работи со младите таленти, ќе придонесе да се развиваат како фудбалски така и со карактерни особини, кои треба да ги има еден репрезентативен фудбалер. Конечно, сметаме дека ќе биде селектор кој ќе го вади максимумот од своите избраници и ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација кон успех во еден квалификациски циклус“, се вели во официјалното соопштение од ФФМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.