-Опусот на поетот Ацо Шопов ќе биде објавен на веб-страница на македонски, фанцуски, шпански, англиски и на германски јазик. Обемниот повеќејазичен проект ќе биде насловен „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ и ќе го креира издавачката куќа „Фи“ (Phi) од Луксембург, ова вчера во МАНУ, на одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов го најави неговата ќерка Јасмина Шопова, на свечен собир во Македонската академија на науките и уметностите, на која беа одбележани 90 години од раѓањето на поетот и академик на МАНУ.
Во својата презентација, на тема „Творештвото на Ацо Шопов на дигиталните медиуми“, Шопова соопшти дека за само една недела од постирање на антологиската песна „Очи“ на каналот Јутуб, била слушната од 8.500 корисници. Песната е интерпретирана од самиот нејзин автор во 1968 година за Радио Скопје.
– Ова покажува колку е жив споменот за Ацо Шопов и каков ентузијазам предизвика оваа објава, рече Шопова и тоа го поврза со значењето на комуникациската моќ на дигиталните медиуми (Јутуб, Википедија, Фејсбук), како средства/платформи/релеи за распространување содржини без граници во просторот и во времето, како софистицирана алатка за бришење на бариерите и границите меѓу народите. На каналот Јутуб е објавена содржина „Ацо Шопов поезија“, која има две листи – негови песни и инсерти/видеоматеријали поврзани со поетот, кого говорниците на денешниот собир го нарекоа великан и класик на македонската поезија и ненадминат лиричар.
Академик Катица Ќулавковасоопшти дека деновиве од издавачот „Макавеј“ е објавено прозно издание од Шопов – „Од Исарот до Мамел“, приредено од Блаже Киртанов. Содржи 15 раскази, прозни импресии и патописи кои биле објавувани во периодиката или се зачувани во оставнината на поетот.
Ацо Шопов (20 декември 1923 – 20 април 1982) е автор на 12 поетски збирки од 1944 до 1980. Има и неколку избори од неговата поезија, а некои негови песни, како „Очи“ или „Тишина“, се дел од сите антологии на македонската поезија. Шопов е меѓу основачите на Друштвото на писателите на Македонија, членувал во МАНУ и во Македонскиот ПЕН центар и за своето творештво добил значајни книжевни награди. Од 1972 до 1976 Шопов бил и амбасадор на Југославија во Сенегал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Меѓународен научен собир „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“
-
„Бојкотирам“ ја „прекинаа“ расправата, поднесоа декларација на македонскиот народ до МАНУ (видео)
-
Во МАНУ се дебатира за договорот од Преспа, а надвор се протестира
-
Научна и уметничка визита во Куќата на Уранија-МАНУ


