| четврток, 6 декември 2018 |

Извршени три трансплантации на рожница во земјава

oko

Три трансплантации на рожница за првпат се извршени во Македонија во Европската очна болница во Скопје. Со овој подвиг Македонија се вброи во една од ретките земји во поширокиот регион каде се изведуваат ваков вид интервенции.

По тој повод вчера во Министерството за здравство, министерот Никола Тордоров имаше средба со раководството на Европската очна болница.

„Едната интервенција која е направена е сложена, извршена е кај млад пациент кој имал тешка повреда на окото. Доколку ваква интервенција не се изведувала во Македонија, она што требало да се преземе е отстранување на окото и ставање протеза, што значи комплетно слепило на едното око“, рече Тодоров.

Директорот на Европската очна болница, офталмологот Фарук Семиз вели дека после интервенциите тројцата пациенти прогледале и се во добра здравствена состојба.

„Постапката на операциите е една најретките во светот. Рожницата е провидниот дел на окото. Откако таа ја губи функцијата, пациентот почнува да го губи видот. Ние ја вадиме рожницата која ја изгубила функцијата и ставаме нова рожница која може да гледа. Оваа операција трае 35 до 50 минути. Ова е резултат на најсовремената технологија што ја користи Европската очна болница, како и на големото знаење на нашите доктори“, изјави Семиз.

Тој вели дека има голем број на пациенти кои чекаат за трансплантација на рожница и дека тие ќе можат тоа да го направат.

Се очекува Фондот за здравствено осигурување да потпише договор со Европската очна болница за десет вакви интервенции.

Пациентите за оваа интервенција ја плаќаат само партиципацијата, тоа е до 6.000 денари, а останатото го плаќа Фондот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top