
Капетанот прв го напушти бродот што потона. За ваквиот потег капетанот на Коста Конкордија Франческо Скетино го доби прекарот „капетан кукавица“. „Големиот“ Пандев добро ја знае приказната за „капетанот кукавица“ и за судбината на луксузниот крузер, но очигледно не извлекол никаква поука.
Капитенот на македонската репрезентација официјално ја извести македонската јавност дека прв го напушта бродот што го допре дното за време на последните квалификации. Официјалното образложение е дека се откажува од националниот дрес за наводно да оставел простор за помладите, но на сите им е јасно дека бега затоа што воопшто не му е грижа ниту за репрезентацијта ниту за соиграчите за кои до вчера изјавуваше дека „дишат како едно“. Гоче сепак реши да не се прости целосно од фудбалот- ќе остане да игра во Наполи, каде што игра за пари, а не од патриотизам.
Веста за откажувањето на најдобриот македонски фудбалер од репрезентативните настапи ги погоди сите Македонци, особено љубителите на фудбалот. Колку и да сакаме, не можеме ниту да ја разбереме ниту да ја оправдаме одлуката на до вчера омилениот капитен. Кога сите очекувавме да постапи како лидер, тој одигра како кукавица.
Фудбалерот кој во моментот е во зенитот на својата кариера, кој дава одлични партии за неговиот матичен клуб во Серија А и во Лигата на шампиони во конкуренција на најдобрите фудбалери на светот, наместо да го даде својот максимум за државата кога и е најпотребен, тој едноставно реши да крене раце.
Каков ли само пример им дава идолот на илјадници млади фудбалери во државава? Што ли само им порачува со оваа негова одлука? Дали капитенот на репрезентацијата, лидерот на тимот, идолот на младите генерации им порачува на следните македонски репрезентативци да го следат неговиот пример па по секој следен неуспех и тие да го фрлат националниот дрес?
На што би личела една репрезентација ако по секој примен гол играчите се повлечат од теренот? Како само би можеле да се извлечеме од дното ако немаме смелост да му погледнеме во очи на проблемот- било да е тоа долу на теренот во ликот на противникот, било да е во соиграчот од своите редови, во стручниот штаб, во фудбалската федерација…?
Сите ќе се согласиме дека ситуацијата во македонскиот фудбал е повеќе од очајна, и дека е потребно многу работа за да се вратиме на вистинскиот колосек кој еден ден ќе не одведе на некое големо натпреварување што го сонуваме сите во државава веќе дваесет години. Но токму поради тоа Пандев и мораше многу посериозно да размисли пред да донесе ваква одлука. Неговото искуство, авторитет и енергија мораше максимално да ги вложи за да се поправи ситуацијата. Наместо да молчи и да го фрли дресот требаше јавно да истапи и да покаже со прст кон сите кои го валкаат државниот грб! Зошто капитенот наместо лидер реши да биде капетан кукавица? Зарем така се однесуваше и на терен додека го носеше дресот на Македонија?
Ако на Пандев навистина му значи нешто македонскиот грб, националниот дрес и репрезентативниот фудбал ќе се врати на терен и ќе работи за извлекување на оштетениот брод од дното, а за возврат ќе ја добие поддршката од целата македонска јавност. Со неговото молчење и кукавичко повлекување ниту репрезентацијата ќе има некаков ќар, ниту тој ќе остане со чист образ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


