| четврток, 6 декември 2018 |

Градоначалникот на Охрид ќе стипендира талентирани ученици

nikola bakraceski

Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески распишаа конкурс за стипендирање талентирани ученици од основно односно средно образование, како и редовни студенти со висок просек.

Предвидено е стипендирање дваесет талентирани ученици од седмо и осмо  одделение од основните училишта и дваесет ученици  од втора, трета и четврта година во општинските средни училишта.

Право на стипендија имаат кандидатите кои меѓу другото, се редовни ученици, освоиле награди за поединечно освоено прво, второ или трето место на градски, државен или меѓународен натпревар во областа на науката, техниката, културата и уметноста, да оствариле континуиран  одличен успех во текот на школувањето од петто до крај на основното образование, односно од прва година па нагоре, за средношколците.

По однос конкурсот за студенти, општината ќе стипендира дваесет редовни студенти од Охрид, запишани на државните универзитети во Република Македонија за  академската 2013/2014 година, од втора, трета, четврта, петта и шеста година. Кандидатите треба да се редовни студенти, да оствариле просечен успех во текот на студирањето од минимум осум, да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или фирми.

Висината на стипендиите ќе изнесуваат 1.500 денари месечно за девет месеци во текот на  учебната  2013/2014 година за основците и средношколците односно 2.000 денари за студентите кои ќе се стекнат со право на стипендирање.

Заинтересираните кандидати имаат рок од две седмици да се пријават на објавениот конкурс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top