Горан Пандев и стави крај на репрезентативната кариера и со допис до Фудбалската федерација на Македонија вели дека тоа е негова конечна одлука. Греши ли Гоче национале, ќе се пишмани ли барем за уште еден квалификациски циклус, на што е лут, што го тишти? Овие прашања веројатно си ги поставува секој искрен љубител на фудбалот во Македонија. Каде е проблемот и дали може да се надмине и повторно да го видиме европскиот и светски првак во националниот дрес. Па тоа е во интерес на сите, па и на самиот Пандев. Фудбалскиот бисер од Струмица има само 30 години, на возраст на која се уште може многу да помогне, да биде лидер, да го сподели драгоценето искуство со помладите, да биде покрај нив и со совети во тешките квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2016 година.
Одлуката е лична и Горан веројатно сака да и се посвети на личната кариера, да биде одморен и поконкурентен за место во првиот состав на Наполи.
Ваква одлука, предвреме да се пензионираат, иако се уште можат да дадат многу за својата репрезентација, донеле и многу поголеми играчи од Пандев. И тој апсолутно има право да одлучува за себе, за својата иднина. Но, сега ли е вистинскиот момент за драстичен рез и повлекување од репрезентацијата на Македонија?
По циклус во кој бевме последни во групата, во кој финишот беше разочарувачки лош, со дебакл од Србија (1-5). Во период во кој националната селекција неминовно ќе се подмладува, Пандев е алката што ни е неопходна за нов почеток. Тој е фудбалски идол на младите фудбалери во Македонија, го има потребниот квалитет, смиреност, сигурност, за да им го покаже вистинскиот пат на идните таленти. Впрочем се виде колку ни недостасува во играта, токму во Јагодина против Србија, кога беше отсутен и кога минавме како „боси по трње“.
Честопати неправедни кон него бевме и ние самите. Пандев не дал гол 5 години, не се залага доволно кога игра за репрезентацијата, калкулира, симулира. И ред други небулози, што не држат вода. Без причина му ги забораваме блескавите игри, асистенции, дриблинзи и потези во текот на долгогодишната репрезентативна кариера. Но, такви сме ние Македонците. Немаме трпение за никого, грешките не се простуваат, сакаме преку леб погача, сакаме на Светско првенство. Не се прашуваме какви услови имаме за фудбал, што сработиле клубовите и тренерите. Зошто и кој мести натпревари во домашното првенство, кои се фудбалските работници што ни ги водат клубовите, каков е профилот на делегатите што го избираат претседателот на ФФМ, кои ни беа лидерите во федерацијата, што сработиле тие?
Не, најлесно е да го обвиниме Пандев за туѓите грешки. Сме се запрашале ли каков е квалитетот на фудбалот кај нас, ја има ли Гоче неопходната подршка, услови, соиграчи, како што тоа го има во Италија? Таму покажа дека знае, дека може. Тој е фудбалерот со кој се гордеевме во 2010 година, кога со Интер се искачи на тронот на Европа, како победник во Лигата на шампионите. На легендарниот „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид. Тогаш го величавме нашиот„Гранде Пандев“, нашиот фудбалски амбасадор. Преку ноќ ли го заборавивме „Ил Гранде Мачедоне“, како што го нарекуваат на чизмата, прекар со кој се горди сите во Македонија. И нели е малку чудно во земјата со импресивна фудбалска традиција, историја и успеси каква што е Италија, многу повеќе да го ценат Горан, отколку ние самите?
Од тие причини посакуваме Пандев да се премисли и да продолжи со настапите во „црвено-жолтиот“ национален дрес на Македонија. Рано е за простување на таков лидер, на капитенот, на идолот на многу млади во Македонија, на играч што не прави горд со настапите во Серија А и во Лигата на шампионите.
Челниците на фудбалската федерација велат дека прават напори Пандев да ја промени одлуката. Но, таквите обиди не треба да бидат само декларативни, туку практични. За да биде успешна операцијата „враќање на Пандев“, треба многу работи да се сменат и тоа во начинот на размислување и однесување пред се во ФФМ.
Тие треба да ја поведат битката за искоренување на менаџерските шеми. Националната селекција не е полигон за тренинг и исполнување нечии желби и интереси. Да сторат се настапот за репрезентацијата на Македонија, без разлика на победите и поразите да биде чин со кој ќе се гордее секој повикан играч. Да одлучуваат квалитетот и игрите на теренот, а не нефудбалските и заткулисни игри и желби на поединци. И секако да се има фудбалска стратегија за подолг период. Да знаеме што сакаме во квалификациите, во систем на натпревари што е тежок, неизвесен, во кој секој бод е важен. Да го убедат Пандев дека имаат победничка формула и програма. И дека токму тој е еден од столбовите за исполнување на планот.
Поинакви и само декларативни соопштенија дека “Горан Пандев е фудбалер со извонредни квалитети“ и дека „ФФМ сака да верува оти одлуката на Горан Пандев не е конечна и тој и понатаму ќе го носи националниот дрес“, нема да вродат со плод.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“





