Тројца наоѓале заинтересирани клиенти за фалсификувани лични карти, пасоши и други документи, еден ги изработувал, други двајца ги испорачувале на фирмата „ФБИ“, која потоа изработените документи им ги предавала на клинетите.
Вака на кратко функционирале групата фалсификатори, кои МВР ги разби вчера.
Во нивното соопштение се наведува:
МВР на РМ, вчера ја започна и ја реализираше финалната фаза од повеќемесечната меѓународна истрага во соработка со полициските служби од Германија, која се водеше под оперативно име „Орион“, за сузбивање на меѓународна криминална група која подолг временски период се занимавала со набавување и фалсификување на странски патни исправи, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни исправи, осигурителни картички, дипломи, како и изготување на документи и исправи од институциите на РМ (возачки дозволи, АДР лиценци и др). Истовремено, на територијата на двете држави беше спроведена координирана акција, за приведување и лишување од слобода на членовите на криминалната група.
Организираната криминална група составена од тринаесет лица, подолг временски период се занимавала со набавување различни странски и домашни документи (оригинални важечки документи и фалсификувани бланко обрасци), на кои потоа со употреба на соодветна опрема се вршела исправка или се вметнувани податоци и фотографии од лица „нарачатели“ на фалсификуваните документи.
Имено три члена на групата, на возраст од 25 до 33 години, биле задолжени да пронаоѓаат лица од Македонија кои се заинтересирани да им се изготват фалсификувани документи кои ќе може да ги користат за регулирање на својот престој во Р.Германија, но исто така добивале податоци за лица нарачатели на фалсификувани документи и од пет члена на групата од Германија, од кои еден е албански државјанин, кои таму пронаоѓале заинтересирани лица. Потоа сите податоци ги доставувале до првоосомничениот кој ја вршел изработката на фалсификуваните документи, а по нивното изработување ги предавал на двајца други членови кои вршеле доставување до нарачателите или до сопственикот на туристичката агенција ФБИ компани од Скопје кој ја користел за испраќање на документите. Истите биле испорачувани и преку DHL и FedЕx до Германија, каде посредниците ја вршат доставата до нарачателите и наплатата на паричните средства. Овие лица по наплатата, дел од паричните средства му ги испраќале директно на првоосомничениот или пак преку второосомничениот, користејки ја услугата на Брз трансфер на пари.
Криминалната група имала добро разработен начин на делување, така што по остварени телефонски контакти, лични средби и договори, помеѓу посредниците и фалсификаторите од Р.Македонија, посредниците електронски доставувале фотографии и податоци за лицата за кои биле наменети фалсификуваните документи и видот на документот кој треба да биде изработен, а согласно на видот и квалитетот на фалсификуваниот документ била определувана и цената, која се движела од 800 до 1500 евра, додека за истите во Република Германија на лицата за кои биле наменети им се наплатувала повисока цена.
За време на истрагата од страна на германските полициски органи обезбедени се 48 лични документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи и др.), од повеќе држави (италијански, бугарски, белгиски, холендски, грчки, словенски, фински и др.) наменети за 38 лица, кои биле изработени во Македонија и потоа испратени на повеќе различни адреси во Германија.
Вчера, врз основа на издадени наредби од страна на истражен судија, извршени се претреси во шест домови на дел од пријавените лица (во Скопје и Тетово) и во туристичката агенција ФБИ компани. При претресите пронајдени се телефонски апарати и СИМ картици, три десктоп и два Лап Топ компјутери, парични средства во износ од 9000 евра, документи од лица за Фонд за здравствено осигурување, сметки од Western Union, Шаблон со гумени букви, бројки и симболи за внесување на податоци на документитеи друго. Со наредби од истражен судија за увид во евиденциите на DHL и FedEx, обезбедени се товарни листови за остварени пратки од страна на членовите на групата.
По целосно расчистување и документирање на случајот, од страна на Одделот за гонење на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесена e кривична пријава против 11македонски државјани на возраст од 25 до 55 години, од Скопје, Гостивар и Тетово и еден албански државјанин, поради постоење на основано сомнение дека истите се сторители на кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Фалсификување исправа“, додека со меѓународна правна помош обезбедени се докази и за уште едно 29 годишно лице.
За време на акцијата во Р.Македонија приведени се пет лица, додека останатите лица не се достапни на полициските органи и по нив се трага. Во Р.Германија од страна на германските полициски служби на ден 21.11.2013 година, во извршени се претреси во вкупно 33 објекти на подрачјето на Хамбург и Хале, при што се пронајдени: 29 фалсификувани документи, документи со информации за пратки од Р.Македонија, компјутерска опрема, телефонски апарати, мемориски картички и друго.
Инаку, ова е второ продолжение од акцијата чиј прв дел се реализираше лани од април до ноември во СР Германија. Иако од страна на судските власти во Хамбург за горенаведените криминални активности беше покрената судска постапка, преостанатиот дел од криминалната група во СР Германија и Р.Македонија се реорганизираше и на воспоставениот начин продолжи со извршување на кривичните дела и во текот на 2013година. Операцијата „Орион“ продолжува и понатаму се до целосно расчистување и документирање на кривичните дела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи
-
МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата: Каква статистика води полицијата за исчезнатите лица?


