| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов одржа предавање по повод Светскиот ден на филозофијата

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата, одржа предавање на Филозофскиот факултет во Скопје. Иванов беше покровител на научниот собир на тема
„Филозофијата денес“, во организација на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Филозофското друштво на Македонија.

– За разлика од воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и храната со која се храниме, филозофијата, како и уметноста, не е неопходна за човековото преживување. Човекот може да преживее и без филозофијата. Но, филозофијата е една од оние нешта што му даваат вистинска вредност и смисла на животот и живеењето. Филозофијата го прави животот вреден, рече претседателот Иванов.

Да гледате во љубовта и во пријателството корист, рече Иванов, значи да ја изгубите смислата на пријателството и љубовта.

– Така е и со филозофијата – да гледате во неа корист, значи да ја изгубите смислата на филозофијата. Таа иако е тешка, сепак, не привлекува за да бидеме повеќе луѓе, односно да видиме како бескрајно сами себе се надминуваме, или што би кажал нашиот Св. Климент – да се престигнуваме по добрина. Кој имал можност да слуша, или пак да чита дело на некој
возвишен филозоф, лесно ќе се убеди во сево ова, рече претседателот Иванов на предавањето одржано на Филозофскиот факултет во Скопје.

Претходно Иванов имаше средба со деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински, како и со дел од учесниците на научниот собир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top