Честитки за наградата „Петре Прличко“. Актер од помладата генерација, најмладиот актер што влезе во друштвото на Џумерко, Емил Рубен, Мето Јовановски, Чоревски…
ДАЦ: Наградите се убави, а ако веќе сум ја добил како најмлад актер, веројатно сум ја заслужил. Сепак, од моето застанување на сцена до денес, речиси сите улоги ми се главни. Имам добиено многу признанија, награди… Вообичаено, луѓето очекуваат животно дело да се добие некаде пред пензија или по пензија. Зошто? Ова е еден досегашен опус. Може ќе добијам уште една, ако бидам трудољубив уште едно педесет години (се смее).
Збор два за Петре Прличко… Што значи за Вас ова име?
ДАЦ: На сцена не застанав со него… А го познавав лично. Играше во Драмски, во „Полнета птица“, во „Сомнително лице“. Го познавам од сцена. Неговата големина беше во тоа што одлично си ја знаеше работата. Не знам колку филмови сними, беше легенда на југословенската сцена. Човек што поминал низ сѐ, низ сито и решето. Каде уште не играл, од ливада до најголемите сцени. Големо име, затоа и оваа награда што го носи неговото име е значајно. Ми оставаше голем впечаток на сцена затоа што беше лесен, како пердув. Не му се познаваа годините, буквално лебдеше на сцена. Тоа е одраз на љубовта кон оваа сцена. А оваа професија мора да се сака.
Имавте одличен настап во „Огнени јазици“ во режија на Слободан Унковски. Мислам дека Вашата игра остави многу позитивен впечаток кај луѓето, а претставата е, можеби ,најдоброто нешто што излегло годинава, ако не и подолго.
ДАЦ: Некогаш критиката и публиката не се согласуваат, но тука е сѐ погодено. И публика доаѓа и критиката е позитивна. Ова е збир на повеќе убави работи – Унко, Горан Стефановски, Златко Ориѓански , Игор Тошевски и, на крај, ние глумците, сите заедно успеавме да го направивме тоа. Макотрпна работа, проби од 10 до четири. Особено првите проби, кога проодуваме на сцена, има толку многу празни чекори, се троши енергија бадијала, мртви уморни се враќавме дома поради тој збиен процес. За среќа, и за наша радост, работевме со Унковски од кој имавме дополнителна енергија. Тој е многу шармантен како човек и како режисер. Потоа десет дена по ред имавме проби и наутро и навечер. Дури и се погоди некој колега да има претстава во друг театар, па почнувавме во десет навечер до два по полноќ. Сега тие работи се паметат како убави работи затоа што направивме одлична претстава. Сега има одредени фестивали, ќе видиме како ќе помине претставата.

Во последно време имате одличен избор на улоги – одигравте одлично во „Хамлет“, фасциниравте во „Генетика на кучињата“, ги оставивте сите без збор во „Огнени јазици“…
ДАЦ: Не дека работам поинаку од порано. Веројатно се погодени улогите, режисерот, енергијата. Кога сето тоа ќе се погоди станува нешто друго. Дадов сѐ од себе… нема претстава во која играм послабо. Улогата знае да даде дополнителен поттик за да се направи што подобро. Мојата прва главна улога беше во 1990 година во „ Не сега драга“, бев млад… Ја одигравме 150-160 пати пред полна сала и за неа ја добив првата награда. Секако, сега е сосема позрело, со целиот товар што го носи животот. Унковски на академија велеше – глумата се гледа. Треба да видиш надвор, и не само што се гледа, туку и се чувствува на своја кожа. Колку подобро ќе го собереш тоа од некаде, тие разни информации што се чуваат во некој чуден фајл во мозокот за потоа да ги предадеш на сцена, во одредено време, во точно место.
Што е со филмот?
ДАЦ: Некако филмот ме избегна мене ли јас ли го избегнав филмот. Имав некои обиди како помлад, ТВ-филмови, серии… Првиот сериозен филм во кој играм е „До балчак“ од минатата година. Имам интересна улога, мислам дека супер ја направив, Столе Попов ми даде и повеќе простор и едвај чекам да ја видам. Сега почнаа да се снимаат филмови, што е одлично. Порано се снимаше еднаш во петнаесет години и немаше место за сите. А имаше место за некои што веќе пробале на филм, па режисерите ги виделе како изгледаат на платно, па си рекле дај да не ризикуваме, овие добро изгледаат.
Прочитав стихови на вашата страница на „Фејсбук“ – Кога ме најде мене, јас те најдов тебе. Ова се ваши стихови? Кому му се посветени?
ДАЦ: Посветени се на мојата сопруга Весна. Таа е најчестата инспирација за моите стихови… И мислам да издадам книга, но не сум почнал сериозно да се занимавам со тоа. Може некој ќе дојде и ќе ми понуди да го направиме тоа. Отсекогаш сум пишувал, но сум рекол не е ова за мене и сум го оставил иако останало некаде длабоко во мене. Кога дојдоа овие стихови сами, им ги прочитав на луѓе што ја разбираат таа поезија и барав нивно искрено мислење, беа задоволни. Тоа се повеќе, можеби, мисли, со поента и посвета. Еве ми паѓа на памет „Мирис“, посветена на мојата сопруга:
– Кога спие како да буричка во сонот барајќи зборови како да ме разбуди, кога зборува како да ѕуни најубавата мелодија што ја знам од памтивек. Кога гушка како пролетен ветар да создава со дланките, кога љуби како сите вулкани да ги разгорува со усните, а нејзиниот мирис…
А што е со музиката? Знам дека сте многу талентиран и дека имавте една песна за отворањето на кафулето.
ДАЦ: Да, пеев во мјузиклот „Чија си“, „Дали да ти пријдам“. Инаку, сега со Александар Митевски направивме песна за „Скопскиот фестивал“, со идеја јас да пеам. Но не ја примија. Сепак, набрзо ќе ја направиме песната. Беше едно кроки-сценарио, само отсвирена на клавир и отпеана. Не беше дозавршена и така и ги бараа на фестивалот. Мислам дека е добра песна и ќе се слушне наскоро.
Имало многу дружење во театрите, многу шеги, многу забава. Многумина ваши колеги велат – бифеата во театрите не се тоа што беа.
ДАЦ: Порано театарското бифе беше интерно и не можеше да влезе секој, освен привилегирани луѓе. Бифето работеше до утро, се пееше со гитари, музика, никому не пречевме. Не смееше никој да влезе, ниту полиција. Фатив дел од тие собирања. Животот го прави своето, веќе ги нема тие дружби. Одвреме–навреме знаеме да се собереме и, буквално, да откачиме. Знаеме да останеме цел ден во бифе, а во бифе што се прави – се читаат книги, поезија, се отвораат тешки муабети…

Растени сте во театар, со оглед на тоа дека сте син на одличен актер, име што значи меѓу љубителите на македонскиот филм и театар.
ДАЦ: Татко ми беше прекрасен актер. Стево беше со многу признанија и големи награди, со прекрасни улоги. Доаѓав овде од мали нозе. Има еден мирис во шминкерницата од мастиксот, лепакот со кој се лепат брадата и мустаќите. Мириса специфично и тој ми е останат како спомен… И баба ми чуваше таков дома, за да залепи нешто. А и се џвакаше, вкусот не го губи. Го џвакав како дете, ептен го сакав. Џвакав мастикс.
Дали Ви помогна тоа што сте син на познат актер или Ви беше повеќе товар? Добивавте ли критики од Стево Спасовски?
ДАЦ: Многу е потешко да надминеш, а, се надевам, го надминав, човек што е добар. Јас посакувам моите синов да ме надминат мене. Тоа бреме стоеше на моите плеќи. Кога се појавив на академија рекоа – види го, исти Стево. Многу личевме, како што моите деца личат на мене, имаме некој многу силен ген. Јас се изборив да бидам Дац, а не син му на Стево.
Има и една разлика што многумина ги буни – различното презиме – едно „ски“ што носи забуни.
ДАЦ: Правилното име на татко ми е Стеван Спасов. Во филмот „Солунските атентатори“ за позвучно име, кое му остана до крај на животот го користеше Стево Спасовски. И сите го знаат така, па дури и на надгробната плоча пишува Стево Спасовски. Но се изборив јас да станам Дац. Не дека татко ми беше лош. Јас сакав да бидам Дац, а не синот на Стево. А татко ми беше многу точен во коментарите. Бевме на една проба кога почнував со претстава. Седевме од страна и гледавме. Ми рече – што мислиш за сцената. Реков мислам дека не се слушаат еден со друг. Ме погледна и рече добро… Сакаше да провери као гледам на работите. Не знаеше да фали. Кога ќе кажеше добро е, значеше дека е одлично. Во критиките беше умерен. Кога виде можам сам, веќе не се мешаше. Знаеше да даде некој совет. Мојата прва, а веројатно и последна монодрама беше „Облачна исповед“ по текст на Томи Османли и режија на Дејан Дамјановски. Уште беше жив кога реков дека му ја посветувам нему. Но не дочека да ја види.
Зошто последна монодрама?
ДАЦ: Театарот е колектив. Ако не дојдам на проба, ќе го расипам планот на моите колеги. Кај монодрамата никого нема да зезнам. Но ми беше тажно што доаѓав сам да одиграм претстава и потоа пак сум сам. Нема муабет да направивме… Многу е тажно.
Во едно интервју рековте дека помалиот син Стефан е роден за актер.
ДАЦ: Стефан е втора година во „Корчагин“ и ќе го подготвувам за Академија. Јаков сакаше да оди на медицина, ама отиде на маркетинг и менаџмент. Јаков како помал играше со мене во серијата „Чудесна земја Македонија“, потоа синхронизираше во цртани, сѐ уште го прави тоа, и Стефан синхронизира. Ме прашале дали имам некој, и нормално е да го понудам тоа што ми е тука и знам дека е добро.
Бевте и советник во град Скопје. Разговорот го водиме на денот на ослободување на Скопје. Денеска многумина ја употребуваат изреката – Ова не е моето Скопје. Дали е ова Вашето Скопје?
ДАЦ: Сѐ во свое време. Ова ќе биде Скопје на тие што го затекнале вакво. Моето Скопје е такво какво што јас сум го затекнал. За постарите е такво какво што јас не го затекнав. Моето Скопје е тоа кога почнав да ги чувствувам првите љубови, кога почнав да излегувам и да го осознавам светот. Не ми е важно каде се наоѓам, битно е да е убаво опкружувањето… Иако мислам дека се претера со спомениците, мислам дека е малку многу на едно место.
Мислење за новиот театар.
ДАЦ: Го прошетав целиот театар. Ми се допаѓа. Тоа е наша куќа и сакам да има такви зданија. Но мислам дека е преголем. Многу седишта. Лошо е кога ќе се игра претстава пред празна сала. Во Драмски има 330 седишта. Таму со 330 луѓе ќе биде празно. Инаку многу е убаво направен и се надевам дека ќе се игра пред полна сала.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со актерот Драган Спасов – Дац е објавено во 63. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Проколната телевизиска серија: Во три месеци починаа два актери


