| четврток, 6 декември 2018 |

Медиумите „уапсија“ затвореник од Идризово

Проблемот со овој настан е во тоа што „уапсениот“ Стојанкиќ е - веќе во затвор, и тоа скоро две години.

Неколку медиуми денес ја пренесоа веста од објавена на еден портал дека е уапсен, поранешниот заменик-министер за правда Зоран Стојанкиќ. Проблемот со овој настан е во тоа што Стојанкиќ е – веќе во затвор, и тоа скоро две години.

Тој уште во јануари 2011 година беше осуден на 13 години затвор поради злоупотреби на својата положба како стечаен управник, заедно со тутнскиот бос Бајруш Сејдиу.

Пресудата за Стојанкиќ, во меѓувреме беше потврдена и од Апелацискиот и Врховниот суд. Сепак, Република ја провери оваа информација во МВР, од каде кратко кажаа дека таква личност не уапсена од нивна страна денеска.

Зоран Стојанкиќ е осуден затоа што како стечаен управник во „Центро“ во периодот од 2002 до 2006 година незаконски присвоил 33,5 милиони денари. Тој исплатувал неосновани побарувања во стечајната постапка и прикажувал неосновани трошоци, а ја уништил, прикрил или ја оштетил документацијата за работата на компанијата врз основа на која се евидентира финансиското работење на стечајниот должник. Парите од фирмата ги подигнал во готовина, а со неисплатувањето на доверителите долгот на „Центро“, со каматите, го зголемил за 10.000.000 евра. Финансиската полиција осомничи тројца стечајни судии дека му овозможиле на Стојанкиќ да ја ограби фирмата. Истрагата се прошири и на стечаите во другите фирми каде што осомничените вршеле незаконски дејства. Стојанкиќ е поранешен стечаен управник и во „Техника“, кумановските „Житомел“ и „Искра“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top