Македонските фудбалски таленти на возраст до 21 година вечерва ќе бијат битка против Норвешка за продор на третата позиција во осмата квалификациска група за пласман на ЕП во Чешка во 2015 година. Ако избраниците на селекторот Бобан Бабунски најдат чаре за норвешката скандинавка осетно ќе си ги зголемат шансите за прво учество на континенталните шампионати.
„Мислам дека имавме многу позитивни работи во нашата игра против Азербејџан. Бевме мудри, не му дозволивме на противникот да ја наметне својата игра. По двата гостински натпревари во кои покажавме одредени недостатоци, сега се гледа голем напредок во играта на Македонија. Мислам дека сме на добар пат да оствариме позитивен резултат и против Норвешка. По одработените тренинзи впечатокот е позитивен. Работевме напорно, ја анализиравме играта на Норвешка од претходните натпревари, ги увидовме нивните предности и недостатоци и сега сме фокусирани на нашата игра. Пробавме неколку варијанти и 90 посто од составот е познат. Ќе биде тежок натпревар, но се зависи само од нас. Подготвени сме и сами одлучуваме за нашата судбина. Својот квалитет можеме да го претвориме во добар резултат. Имаме квалитетни фудбалери и во одбраната и во средниот ред и во нападот, но на крајот е важен резултатот. Ни треба поддршка и од публиката и убеден сум дека ќе го оствариме резултатот кои го посакуваме. За нас натпреварот против Норвешка е како „бараж дуел“ и од резултатот против нив ќе зависи нашиот евентуален напредок во квалификациите за Европското првенство“, изјави селекторот Бабунски за официјалната страница на ФФМ.
Натпреварор се игра од 19,30 часот на националната арена „Филип втори“ во Скопје, а влезот е бесплатен. По 3 одиграни натпревари Македонија има 4 бода на делба на третата позиција токму со вечерашниот противник, но Норвешка одигра два меча повеќе од нас. Атакуваме на втората позиција на која моментно е Израел со 9 бода од 5 средби. Лидер е најголемиот фаворит Португалија со максимален учинок од 12 бода во 4 натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.