| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски: Наставниците се наш најголем партнер во реформите во образованието

Во Охрид, во организација на Европската унија, денеска беше отворена дводневна регионална конференција посветена на методите за подобрување на улогата на наставниот кадар во образовниот систем, на која, покрај претставници на обраозвните системи на државите од регионот, присуствуваат и нивни колеги од држави од централна Европа кои се веќе членки на Унијата, како и генералниот директор за образование и култура на ЕУ, Јан Трушчински.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, истакна дека собирот во Охрид е исклучителна можност за размена на искуствата во односната материја од периодот на транформација на образовните системи во постранзиционите периоди во земјите кои станаа членки на ЕУ, како и за презентација на реформите што Македонија ги спроведува во образованието.

– Нашиот најголем партнер во спроведувањето на овие реформи се токму наставниците, тие ни се денеска главната цел, пред сѐ методите за нивна мотивација во подобрување на наставниот процес во целина. Очекувам дека финалните заклучоци од конференцијата ќе резултираат со регионални тренинзи и обуки посветени на наставниот кадар – рече Ристовски.

Тој истакна дека врз основа на презентираното, заедничка констатација е дека независно од каде доаѓаат наставниците, во принцип проблемите се слични, главно интензивирање на користењето на информатичката технологија, познавање странски јазици и методолошкиот принцип на пренесувањето на знаењето на учениците.

– За сето тоа да се спроведе, потребна е целосна и навремена презентација на реформите и новите наставни методи, за наставниците да бидат главните партнери во нивната имплементација – додаде Ристовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top