| четврток, 6 декември 2018 |

Украина на чекор да ја урне лошата традиција, Исланд игра за историја

Фудбалската репрезентација на Украина е оддалечена само 90 минути од Бразил и настап на Светското првенство, а блескавата победа од 2-0 во Киев против Франција треба да ја потврдат вечерва во реваншот во Париз. Украина игра против лошата традиција од 3 елиминации во бараж-дуелите. Во 1998 година беа послаби од Хрватска, 4 години подоцна од игра ги исфрли Германија, а последниот неуспех во ваквите двомечи за Украинците е  против Грција во 2010 година.

– Прва задача е да бидеме цврсти и добри во одбраната, а можеби и поважно од тоа е да постигнеме гол – вели стрелецот на вториот погодок во Киев, Андреј Јармоленко. Украинците имаат проблеми токму во одбраната, каде што нема да играат Кучер и Федецки.

Французите се надеваат на подвиг, а прва цел е да се затворат приодите кон голот на Лорис. Триколорите ќе играат без исклучениот Кошчелни, но имаат одлични замени и екстра-квалитетен состав што потфрли во Киев. Пред стартот на домечот против Украина беа апсолутни фаворити за пласман на СП во Бразил, но сега ниту домашните медиуми не им даваат шанси за пат во земјата на самбата и кафето.

– Ако играат како во Киев, најмногу можеме да се надеваме на реми. Бразил изгледа толку далечно – пишуваат новинарите на реномираниот „Лекип“. Франција има континуитет од четири настапи на мундијалите, а последен пат не учествуваше на СП во 1994 година.

Жешко ќе биде и во Солна, каде што Шведска и е домаќин на Португалија во реваншот. Викинзите ќе бркаат негатива од еден гол (0-1), а по Кристијано Роналдо, кој беше стрелец на победоносниот погодок за Португалците, сега ред е на Златан Ибрахимовиќ. Шведските медиуми потсетуваат дека на теренот во Солна, Ибракадабра не знае да утне и има постигнато 10 гола за само една година, откако е во функција прекрасната „Френдс арена“.

За Исланд реваншот во Загреб против Хрватска е историска шанса за прв настап на шампионатите, што би бил подвиг за аналите. Тоа би бил прв пример држава со помалку од еден милион жители да игра на СП.

– Чудно е колку играчите се смирени, со оглед на околностите. Ова е историска шанса за нас, нешто за што само сонувавме досега. Исланд никогаш не одиграл два меча без да постигне погодок и се надеваме дека традицијата ќе продолжи и во Хрватска, по ремито без голови во Рејкјавик – вели Хејмир Халгримсон, помошникот на селекторот Лагербек.

Исланѓаните ќе мора да најдат рецепт за подвиг во Загреб без напаѓачот на Ајакс Колбејн Сигторсон, кој е повреден и без одбранбениот играч Олафур Скуласон, кој беше исклучен на првиот меч.

На сензација се надеваат и Романците против Грција по лошиот резултат во првиот меч и поразот од 1-3. На националната арена во Букурешт над 50 илјади гледачи ќе направат пеколна атмосфера како подготовка за подвиг.

– Ќе се бориме до крај иако навидум шансите ни се минимални. Сакаме да ѝ понудиме на публиката добра партија фудбал, како извинување за лошиот настап во Атина. Нема предавање, имаме квалитет за да ја елиминираме Грција“, вели Влад Кирикеш, мозокот во играта на Романците и член на англискиот Премиерлигаш Тотенхем.

Тој меч е прв на програмата и ќе се игра од 20 часот. Само 15 минути подоцна на „Максимир“ ќе почне решавачката битка меѓу Хрватска и Исланд, а од 20.45 во Солна е дуелот на Ибра и Роналдо, односно на Шведска и Португалија. Последниот патник од Европа за Бразил ќе го даде реванш-мечот меѓу Франција и Украина, што ќе почне од 21 часот во Париз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top