| четврток, 6 декември 2018 |

Седница на Советот за безбедност на ОН за Косово

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи седница на која ќе биде претставен најновиот извештај на генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун за состојбата во Косово.

Во извештајот, сумирајќи ја ситуацијата од 16 јули до 15 октомври, Бан Ки-Мун го истакна значењето на успехот на локалните избори, посебно во северниот дел на Косово, оценувајќи дека тоа ќе има влијание врз идната консолидација на мирот и стабилноста на Косово.
Тој во документот наведува дека во овој период безбедносната ситуација на Косово била суштински мирна, со повремени етнички инциденти, при што двете страни покажале зголемена посветеност во спречувањето на тензиите на теренот, со цел да се овозможи дијалогот меѓу Белград и Приштина и имплементирањето на договореното да продолжат натаму.
Генералниот секретар ги пофали Белград и Приштина поради нивните континуирани заложби во дијалогот, кој се води под покровителство на ЕУ, изјавувајќи дека нивните лидери одговориле со „визија и истрајност“ на бројните предизвици кои се појавиле во тој процес.
На состанокот во Њујорк од српска страна ќе присуствува премиерот Ивица Дачиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top