Се покажа дека вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски, вицепремиерот Владимир Пешевски, па дури и премиерот Никола Груевски, сосема неаргументирано и неуко ја напаѓаа предлог мерката на СДСМ за повраток на ДДВ кон граѓаните. И, наместо да ја прифати предлог мерката на СДСМ и целосно да ја имплементира, владата на ВМРО-ДПМНЕ денес излезе со предлог за организирање на нова лотарија. После скандалот со лотаријата за вработување во Македонски шуми владата на Никола Груевски сака да организира лотарија со фискални сметки – реагираше денеска СДСМ, по најавата од вицепремиерот Зоран Ставревски дека се воведува наградна игра за подигнување на свеста на граѓаните за фискализацијата.
СДСМ обвини дека организирањето на лотарии „каде добиваат само членови на ВМРО-ДПМНЕ очигледно станува нов механизам на владејачката партија за згрижување на сопствените членови“.
-Господа од власта, вашите лотарии и вашите игри нема да ги решат проблемите на граѓаните,ниту ќе ја подобрат фискалната дисциплина. После седум години владеење на ВМРО-ДПМНЕ јавноста тоа многу добро го знае. Предлогот на СДСМ е да им се врати дел од парите на граѓаните од данокот, кој секојдневно и насекаде го плаќаат. Кога враќањето на ДДВ ќе биде директно, кон граѓаните и ефектот од предложената мерка е директен. Со реализација на предлогот на СДСМ до 130 милиони евра, секоја година, директно ќе се вратат кон граѓаните. Со тоа, секое семејство во Македонија, во просек ќе има меѓу 20 и 30 илјади денари годишно, повеќе пари во семејниот буџет. На народот му е доста од игри и лотарии, очекува решавање на нивните проблеми. Доколку Владата на Никола Груевски не ја примени предлог мерката на СДСМ за поврат на ДДВ тоа ќе го направи идната Влада на Република Македонија предводена од СДСМ – додаваат од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.