Не е точно дека Македонија ќе биде единствената земја во светот во која телевизиските куќи ќе мора да плаќаат јавна давачка со која ќе се финансира снимањето филмови, реагира Филмскиот фонд на Македонија.
„Сакаме да истакнеме дека моделот според кој е правен новиот Закон за филмска дејност е според европските насоки за развој на оваа дејност, а при неговото изработување беа разгледани повеќе модели кои функционираат во разни земји и кои меѓусебе се разликува во висината на процентот за надоместок. Покрај од страна на телевизиите, надоместоци се плаќаат и по многу други основи, воглавно поврзани со вршење на аудиовизуелна дејност и игри на среќа“, се вели во реакцијата на Фондот на вчерашната прес-конференција на националните телевизии, на која првите луѓе на телевизиите рекоа дека се шокирани од одредбите во законот, според кои телевизиите од својот годишен приход треба да извојуваат 1,1 отсто за новата Агенција за филм.
Како што пренесува интернет порталот „Плусинфо“ Филмскиот фонд вели дека ваков модел во Франција функционира повеќе од педесет години и таму националните телевизии плаќаат надоместок од 2,5% од годишниот приход и дополнителни 5% надоместок од приходите од преплатата и рекламното емитување на приватните ТВ канали.
„Од друга страна 20% (9% во француски филм, 12 % во европски филм) од годишниот приход приватните радиодифузери се обврзани да инвестираат во производство на француски и европски филм преку дирекно преземање или пред-продажба (со дефинирани минимални гаранции за финанансиско учество). Дополнителни 10,72% од продажната цена на кино-билетите плаќаат дистрибутерите и киноприкажувачите. Во Франција од неодамна се воведе уште една јавна давачка од продажбата на паметни телефони и таблети со која Француската филмска индустрија ќе инкасира дополнителни 86 Милиони евра за филмска продукција“, се вели во реакцијата од Филмскиот фонд.
Во реакцијата се наведува и дека во Германија функционира систем каде покрај фиксниот надоместок за националниот филмски фонд, кој се дефинира на секои 4 години во зависност од големинтата на телевизија, со дополнителен договорен надоместок телевизиите вложуваат и до 25% од својот годишен приход за поддршка на ТВ филмови, документарни и детски филмови или филмови во фаза на пост-продукција. Се наведуваат и примери од Белгија, Словачка, Полска.
„Во нашиот регион вакви закони имаат Хрватска, Романија и Грција, а во Бугарија, Словенија и Турција во процедура се новите закони со кои ќе се дефинира финансирањето на филмската дејност“, стои во реакцијата на Фондот.
Филмскиот фонд посочува дека законот создава основа за поголема соработка на филмските продукции и телевизиите „а со само малку креативност ќе произлезат идеи за заеднички бенефит. На пример, во минатото беше нормално да се прави серија од секој игран филм. Потребни се само мали трошоци за да снимениот игран филм се развие како серија наменета за телевизиите. Доколку се има волја, резултатите ке бидат евидентни, а бенефитот многу поголем за сите – најмногу за публиката“, се вели во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


