| четврток, 6 декември 2018 |

Приватните телевизии бараат правда на Уставен суд

televizija

Асоцијацијата на приватните национални телевизии ќе бара од Уставниот суд да ја преиспита уставноста на Законот за филмска дејност. Сметаат дека со овој закон, кој треба да стапи на сила од 1 јануари идната година, а предвидува 1,1 отсто од бруто приходот на телевизиите на годишно ниво да оди за Агенцијата за филм, која ќе го замени досегашниот Филмски фонд, на радиодифузерите им се наметнуваат дополнителни зафаќања од вкупниот приход, јави Телма.

Приватните национални телевизии потсетуваат дека ова не е прво зафаќање од приходите на националните телевизии, посочувајќи на новите тарифи за музички содржини.

За Асоцијацијата е спорно и самото донесување на Законот, по кратка постапка и без јавна расправа на која би биле поканети и радиодифузерите. Инаку, со овој закон не се засегнати само националните телевизии. Исто толкав процент, ќе треба да плаќаат и регионалните и локалните телевизии. Кабелските оператори и обезбедувачите на интернет услуги, ќе мора да издвојат 2,5 отсто од годишниот приход. Фирмите кои вршат дистрибуција, изнајмување и продажба на филмови ќе одделуваат по 3 отсто од својот приход, а највисок е процентот на тие што се занимаваат со киноприкажување на филмови, кои ќе и даваат на Агенцијата 5 проценти од својот годишен приход.Директорот на оваа агенција ќе го именува и разрешува владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top