| четврток, 6 декември 2018 |

Украинците ги скротија „галските петли“, Роналдо и донесе победа на Португалија (видео)

Украина го направи најголемото изненадување во првите дуели од баражите за пласман на Светското првенство во Бразил, откако на домашен терен ја победија Франција со 2-0. Тоа е одлична залиха за реваншот на 19 ноември, а денеска сите домаќини славеа освен Исланд, кој одигра 0-0 со Хрватска. Кристијано Роналдо со гол во второто полувреме и донесе минимален триумф на Португалија против Шведска, а убава предност пред реваншот во Букурешт има и Грција по победата од 3-1 над Романија.

„Галските петли“ неочекувано лесно беа искубани во Киев, а егзекутори беа Зозуља со гол во 61. минута и Јармоленко со гол од пенал во 82. минута. Франција ќе има тешка задача да ја анулира предноста од 2 гола во реваншот.

И Грците патуваат на возвратниот дуел со 2 разлика, но со резултат од 3-1. Митроглу на двапати беше прецизен, еднаш погоди и Салпингидис, а надеж со погодок за Романија донесе Станчу.

Интересно ќе биде и на реваншот во Шведска, каде Португалија ќе допатува со предност од еден гол, тој на Кристијано Роналдо постигнат во финишот, во 82. минута. Со удар со глава популарниот CR7  го совлада Исаксон.

Во премиерата Исланд и Хрватска одиграа без голови во Рејкјавик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top