| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ обвини за злоупотреба при продажба на државно земјиште (видео)

sdsm kumanovo

СДСМ денеска обвини за „нова можна злоупотреба при продажба на државно градежно неизградено земјиште“.

Максим Димитриевски на прес-  конференција посочи на продажба на три парцели со вкупна површина од 42.412 квадратни метри во стопанскиот комплекс индустриска зона „Речица“, во близина на Куманово.

– Основано се сомневаме дека министерот за транспорт и врски, господинот Миле Јанакиески, постапил спротивно на законот и продал државно градежно неизградено земјиште по цена спротивна на Уредба за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп. Наведеното земјиште е продадено на две лица, едно правно и едно физичко, по вкупна договорена цена од 5.044.202 денари. Со ваквата продажба сметаме дека е направена штета по буџетот на Република Македонија од најмалку 4.646.940 денари, а воедно и по буџетот на Општина Куманово од најмалку 3.717.552 денари – обвини Димитриевски.

-Продавачот, во овој случај Министерството за транспорт и врски, направило лицитација за наведеното земјиште спротивно на Уредбата за висина на цените при продажба на градежното земјиште. Министерството за транспорт и врски наместо земјиштето да го продава по почетна цена од 207,7 денари по квадратен метар, во согласност со Уредбата, истото го има лицитирано по почетна цена од 61 денар – додаваат од СДСМ.

Во СДСМ очекуваат државните институции кои се најповикани, како Јавното обвинителство, да постапат врз основа на овие сериозни индиции за сторено кривично дело, злоупотреба на службена должност и овластување од ресорниот министер, Миле Јанакиески.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top