| четврток, 6 декември 2018 |

Нуланд: Спорот за името ќе зависи од Македонија и од Грција

nuland

Спорот за името меѓу Македонија и Грција нема да биде во фокусот на американската дипломатија ниту во мандатот на новиот помошник-државен секретар за Европа, Викторија Нуланд.

Во своето вчерашно претставување на своите приоритети, Нуланд рече дека во минатото лично вложила многу енергија во надминување на спорот меѓу Македонија и Грција, но во овој момент одлуката е на двете држави, а не на САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

– Во врска со Македонија, и јас самата во минатото, особено во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт, лично ги засукав ракавите. Се сеќавам и како се среќавав со премиерот Груевски и со грчките водачи во мојата дневна соба, кога се обидувавме да го решиме спорот. Верувам дека има две или повеќе формулации кои би требало да можат да бидат прифатливи за двете страни. Се работи за дијалог, лидерство и избор меѓу двете страни да одберат. Ги знаете кои се предностите кои се на маса ако Македонија и Грција успеат да дојдат до договор. Секако, ќе продолжиме да го поддржуваме процесот на Нимиц, да навиваме за решение, но само вие можете да донесе соодветна одлука – изјави Нуланд, која беше американски амбасадор во НАТО за време на самитот во Букурешт и со тоа директно вклучена во разговорите за прием на Македонија.

Нуланд одговараше на новинарско прашање, а во претходно подготвените забелешки кои ги претстави пред собраните дипломати и експерти во Атланскиот совет на САД, таа се осврна на повеќе спорови на Балканот, но не и на спорот за името. Затоа едно прашање кое Нуланд го најави како фокус на интересот е решавањето на спорот за Кипар. Помошничката државен секретар рече дека состојбите драматично се смениле во Грција, Турција и во Кипар, и во трите земји политичарите сфаќаат дека е време да се реши овој спор, пред сѐ поради откривањето на наоѓалишта на гас јужно од островот кои кипарските Грци не можат да ги експлоатираат без согласност на кипарските Турци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top