Државата продава две локации во Скопје за изградба на станбени згради во Реонски центар Аеродром. На инвеститорите им се нудат градежни парцели со големина од 1560 и 1554 метри квадратни, на кои може да се подигнат деветкатен и петкатен објект за колективно домување, пренесе Билд.мк
Почетната цена на земјиштето изнесува 4300 денари за метар квадратен, а депозитот за учество на електронската лицитација изнесува 700 илјади денари. Сите заинтересирани ќе мора да достават и банкарска гаранција за сериозност на понудата во износ од 20 илјади евра. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 13 декември, а наддавањето ќе се одржи на 20 декември.
Најповолните понудувачи се обврзуваат да обезбедат градежна дозвола во период од девет месеци по склучувањето на договорот, додека станбените згради ќе мора да се изградат во рок не подолг од шест години од денот на издавањето на одобрението за градба. Според статистичките показатели на Државниот завод за статистика, во општина Аеродром во изминатите неколку години се градат најмногу нови објекти за колективно домување во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.