| четврток, 6 декември 2018 |

На Тотенхем не му треба Ајнштајн, потребни му се двајца напаѓачи (фото)

Не треба да си Ајнштајн за да разбереш дека вака не оди. Тотенхем не може да функционира добро без тандем напаѓачи во стартниот состав. Со ваква делумно шеговита порака, англиските медиуми ја критикуваат фудбалската филозофија на Андре Вилјаш Боаш, менаџерот на Тотенхем. Тимот од Лондон викендов загуби дома од Њукасл со 0-1, а тренерот немаше решение како да ја пробие одбраната на популарните „чавки“, играјќи со само еден напаѓач цел час. Во 65 минута во игра влезе и Дефо, но како да беше предоцна Тотенхем да фати приклучок и да се обиде да израмни, па и да направи пресврт.

„Спарс мора да играат од почеток со двајца напаѓачи, макар тоа да значи дека ќе игра и Адебајор, кој не е во форма. Чудно е зошто Дефо не игра од почеток во тандем со Солдадо. Џермејн дава голови на натпреварите во Европа Лигата, но не добива шанса да игра во Премиерлигата. Тоа е чудно. Па не треба да си Ајнштајн за да разбереш дека Тотенхем подобро функционира со двајца напаѓачи“, се само дел од критиките во англиските медиуми на сметка на Вилјаш Боаш.

ajnstajn

Тотенхем потроши околу 110 милиони фунти за ангажман на 7 играчи во летниот преоден рок, а според оценките на медиумите најдобра аквизиција засега е еден од најефтините, Влад Кирикеш. Романскиот интернационалец пристигна на „Вајт Харт Лејн“ од Стеауа за 8,6 милиони фунти и игра одлично. Добро се снајдоа и Паулињо, Ериксен и Капуе, а многу повеќе се очекува од Ламела, кој не доби доволно простор за игра од Вилјаш Боаш, потоа и од Солдадо и од Чадли.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top