| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоковиќ: Не сум непобедлив

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе играат во финалето на завршниот турнир сезонава, во Лондон на мастерс-купот, вечерва од 21 часот, а пресметката на двајцата најдоброрангирани тенисери најавува спектакуларна тениска завршница на годината. Надал во финишот му го презеде првото место на листата на АТП на српксиот ас, а ова е шанса за реванш на Ѓоковиќ. За него ова ќе биде атак на 22. победа во низа и можност да се освои третата титула на мастерс-куповите.

Ваквите турнири имаат 44-годишна традиција, а вечерашното финале ќе биде само петто во кое двајцата најдоброрангирани тенисери ќе играат за трофејот.

– Ова е совршен начин да ја завршам веројатно најдобрата сезона во мојата кариера. Турнирот е посебен, атмосферата во „О2 арена“ е една од најубавите, што ми дава посебен мотив да ја освојам првата титула на мастерс-купот – изјави Надал.

Тој има едно учество во финалните натпревари и пораз од Роже Федерер пред 3 години. Против Ѓоковиќ има одиграно 38 меча, што е рекорд во меѓусебни средби на два тенисери во историјата на играта, а Надал води со 22-16. Годинава Шпанецот игра импресивно и дури 14 пати се пласираше во финалето на турнирите на АТП во 17 учества, што е неверојатен биланс. Вкупно Надал има 75 победи во 2013 година и само 6 порази.

И противникот во вечерашното финале има со што да се пофали. Ѓоковиќ нанижа 21 победа во серија, долго време беше најдобар тенисер на светската ранг-листа, а има повеќе искуство со настапите во финалињата на мастерс купот. Двапати беше учесник во завршницата и двапати го крена трофејот.

– Не сум непобедлив и воопшто и не се чувствувам така. Ова е последна тениска недела во сезоната и сакам да ја завршам со триумф. Против Вавринка во полуфиналето го одиграв најдбриот меч на турнирот, а против Надал се надевам на уште подобра претстава – изјави Ѓоковиќ.

Двајцата финалисти во Лондон стигнаа до финалето без пораз во 4 меча, а наградата за победникот ќе биде чек вреден 1,92 милион долари и 1.500 АТП-поени. Поразениот ќе заработи еден милион долари и 1.000 АТП-поени.

Со 19 меѓусебни дуели во финалните натпревари, Надал и Ѓоковиќ се израмнија на второто место на најголемите ривалства во тенисот ако се сметаат завршните мечеви. Ист број дуели за титула имаат Федерер и Надал, а пред нив се само Иван Лендл и Џон Мекинро со 20 финалиња во кои играле меѓусебе за трофеј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top