| четврток, 6 декември 2018 |

Битка за наследство: Кому припаѓаат автомобилите на Тито?

avtomobili tito

Во наследството на Тито, за кое се спорат поранешните југословенски републики, се наоѓаат дури 15 автомобили на маршалот. Наследството на Јосип Броз Тито и понатаму предизвикува спорови меѓу овие држави, бидејќи освен недвижнините кои се предмет на сукцесија, земјите на поранешна Југославија се спорат и за движниот имот, пишува Ал Џезеира Балкан.

Така, за сопственоста над некогашните автомобили на Тито се спорат Србија и Словенија, а еден од тие автомобили е “ролс ројс”, со кој порано се возеле југословенскиот и египетскиот претседател, Тито и Насер, кој денес е изложен во Љубљана. Овој автомобил е изложен покрај 13 возила кои Тито ги користел или ги добил на подарок и сите речиси пред 30 години се позајмени од Белград.
– Тоа беше изложба за неколку години, но се случи 1991 година, кога дојде до распад на Југославија, така од тогаш се уште се во нашиот музеј, вели Орест Јарх, директор на Техничкиот музеј на Словенија, во кој се наоѓаат автомобилите на претседателот на Југославија.

Во овој музеј се наоѓа и Пакард, кој во 1945 година Сталин му го подарил на Тито, блиндиран мерцедес купе од 1939 година, но и блиндиран ЗИС подарок од Хрушчов. Сите тие возила Србија ги бара назад.
– Автомобилите отидоа на реверс и тоа сите го знаат, па ако гледаме правилно, основна работа е дека тоа е предмет на сукцесија. Ако е предмет на сукцесија, да ја пресметаме нивната вредност, вели Оливер Антиќ, српски претставник во Комисијата за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ.
Како што пишува Ал Џезира, од Техничкиот музеј на Словенија кажале дека никогаш не добиле никакво барање од Белград, но веруваат дека нивната земја е подготвена на разговор за сукцесија, но не и на безусловно враќање на автомобилите во Белград.

Инаку, сопственикот на Музејот за автомобили во Белград Братислав Петковиќ во својата колекција поседува и едно возило кое го користел Јосип Броз Тито, а се работи за кадилак набавен специјално за маршалот. Поради големата вредноста на ваквите олдтајмери, Петковиќ во својот музеј би сакал да види барем уште едно возило на Тито. Тој нагласил оти Белград нема да се откаже од враќање на автомобилите во Србија. Повикувајќи се на изјавата на Антиќ, сопственикот на Музејот за автомобили, изјавил оти Србија од досегашната сукцесија била оштетена, и дека тоа повеќе нема да го дозволи. Како што вели тој, пример за тоа е зградата на амбасадата во Анкара, која наместо на Србија е доделена на Босна и Херцеговина.
– Таму постои еден имот кој своевремено, како подарок за возврат, Кемал Ататурк го дал на кралот Александар. Тоа е од големо културно и историско значење за Србија, бидејќи ги содржи сите ознаки на српско-византиската архитектура, потоа инсигнијата Караѓорѓевиќ, итн. И сега некој паметен рече: Тоа нека припадне на Босна. Тоа не може, вели Антиќ.
Репортерот на Ал Џезира потсетува дека Комисијата за сукцесија до сега ниту еднаш не расправала за сопственост над автомобилите на Тито. “Делегацијата на Србија е подготвена да разговара и на таа тема. Наведе дека таа може да биде покрената на следниот состанок на комисијата, која ќе се одржи во декември во Сараево”, заклучува Марко Суботиќ во својот текст новинарот на Ал Џезира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top