| четврток, 6 декември 2018 |

Актерот Драган Спасов – Дац ја прими наградата за животно дело „Петре Прличко“

dragan spasov dac

На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес на актерот Драган Спасов – Дац свечено му беше врачена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2013 година.

Наградата која се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и 30 илјади денари му ја врачи градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев.

Педесетгодишниот Драган Спасов-Дац е најмлад досегашен добитник на оваа награда која се доделува од 2006 година.

Наградата, смета тој, е најверојатно одраз на она што досега го сработил. – Јас во театар сум уште од Академијата и буквално само во една – две улоги во сите тие претстави била помала улога, а сите биле главни или доглавни. Веројатно жири комисијата за мене  како најмлад актер што ја добива оваа награда оцениле дека мојот опус е голем  и затоа и благодарам за тоа, рече Спасов во одговор на новинарско прашање по доделувањето на наградата.

За Спасов, глумецот, чие име го носи наградата бил голем актер од кој имало што да се научи.

– Јас се уште сум восхитен од енергијата која ја имеше Прличко. Воситувачки е дека и кога беше во постари години, тој на сцена беше како пердув, истакна Спасов.

Жири комисијата која одлучуваше кој ќе биде годинешен добитник на наградата беше во состав Зоран Љутков, Васил Зафичев и Јордан Витанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top