| четврток, 6 декември 2018 |

Дац нема да глуми, ниту да синхронизира серии додека е в.д. директор на МНТ

- „Тартиф“ нема да се игра со мене. Можеби ќе биде повторно на репертоарот, но само ако некој друг актер го толкува мојот лик - рече Дац

Драган Спасов – Дац, вршител на должноста директор на Македонскиот народен театар (МНТ) ги откажал сите свои ангажмани во театарот и нема да глуми во ниту една претстава во Драмски театар и во МНТ поради обврските кои ги имал како в.д. директор на националниот театар.

– Престанав да играм во Драмски и во МНТ, немам веќе синхронизации на серии. Откажав се поради ангажманот кој го имам како в.д. директор на МНТ – изјави Дац.

Претставата „Тартиф“ засега не е на репертоарот на МНТ каде што Дац игра главна улога.

– „Тартиф“ нема да се игра со мене. Можеби ќе биде повторно на репертоарот, но само ако некој друг актер го толкува мојот лик – рече Дац.

В сабота на малата сцена на МНТ е премиерата на претставата „Кец на десетка“, а режијата на оваа претстава е колективна. Така ја најави в.д. директорот на МНТ, кој рече дека идејата за оваа претстава ја имал уште во февруари оваа година, но подоцна, поради неговите обврски, режијата на претставата ја презел Јордан Симонов.

– „Балкански шпион“ во Драмски театар е мое прво режисерско искуство. И таа претстава, која беше полуприватен проект можеше долго време да се прикажува на репертоарот на Драмски бидејќи секогаш за неа се бараше билет повеќе. Јас отсекогаш сум сакал да режирам, ама немав време. Во сите претстави во кои сум играл, сум го режирал својот лик и верувам дека секој актер може да режира – вели Дац.

Тој најави дека во МНТ ќе се поставуваат комедии кои ќе носат публика.

– Во националниот театар ќе има комедии кои ќе бидат издржани и без вулгарности, комедии кои носат публика во театар – вели Дац.

В.д. директорот на МНТ ја најави и идејата за млада сцена на малата сцена на МНТ на која најдобрите студенти по режија, драматургија и актерска игра еднаш годишно ќе може да постават своја претстава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top