| четврток, 6 декември 2018 |

Металург и со втор тим силен за Војводина

Ракометарите на Металург попладнево на гостувањето во Нови Сад ја совладаа екипата на Војводина во натпреварот од 9.коло во регионалната СЕХА лига.

Mакедонскиот вицешампион успеа да слави на гостувањето против Војводина со 24-30. Лино Червар за овој натпревар не можеше да смета на половина од стандардните првотимци, во Скопје останаа браќата Мојсовски и Марковски, заедно со Станиќ, Атман и Јоноски, но „металурзите“ сепак се покажаа во одлично светло, со така комбиниран тим стигнувајќи до лесна победа.

Дејан Манасков уште еднаш потврди дека се наоѓа во извонредна форма постигнувајќи дури десет погодоци на овој натпревар, Чоровиќ беше стрелец на шест гола за Металург, додека Гоце Георгиевски го заврши мечот со пет гола од исто толку обиди.

Удобната предност му овозможи на Червар во финишот да им даде шанса и на дел од помладите ракометари, кои ја искористија укажаната доверба, прикажаа добра игра и не дозволија предноста на македонскиот тим да биде намалена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top