
Франција жали за застојот во разговорите меѓу Македонија и Грција. Тоа не оди во ничија корист. Напротив, застојот е штетен за добрососедските односи во регионот. Ние и натаму ги поддржуваме обидите на Нимиц да се најде решение за именувањето на БЈРМ. Француските власти сметаат дека заеднички прифатливо решение мора да се најде брзо, во рамки на ОН, преку дијалог и компромис – се вели во соопштението на канцеларијата на постојаната мисија на Франција во Обединетите нации по завршувањето на последната рунда разговори за името во Њујорк.
На ова реагираше Министерство за надворешни работи на Грција. Според грчкиот весник „Катимерини“ Грција е непријатно изненадена од Франција. Според овој медиум Атина испратила протестна нота до Париз и побарала подетална информација за причините за ваквото соопштение. Изненадувањето е во ставот на Франција дека двете страни се одговорни за немањето напредок во разговорите за името. Одговорот на Франција, според „Катимерини“ бил дека спорот за името не може да се протега до бесконечност и дека Франција ја поддржува европската перспектива на целиот Западен Балкан.
И Германија, преку директната средба на канцеларката Ангела Меркел со посредникот на ОН Метју Нимиц, покажува малку поинаков став во однос на спорот за името од досегашниот и можеби заеднички засилен ангажман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


