Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема да испитува дали постои конфликт на интереси за директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кој има и приватен бизнис во Чешка.
Првиот човек на ДКСК, Ѓорги Сламков, вели дека не постои основ да се постапува по Законот за спречување судир на интереси, образложувајќи дека фирмата на Мијалков е отворена во странство и подлежи на тамошните закони.
– Согласно со Законот за спречување судир на интереси, не постои основ да се утврдува состојба на судир на интереси доколку избрано или именувано лице во Република Македонија има трговско друштво основано надвор од Република Македонија бидејќи трговското друштво е основано според правото на земјата во која е регистрирано седиштето и важат законите на домицилната држава, а не законите на Република Македонија – вели претседателот на ДКСК, Ѓорги Сламков.
фото: Телеграф
Првиот човек на контраразузнавачите во Македонија, во вторникот ја извести ДКСК дека во февруари годинава, станал сопственик на фирмата „Миртланис“ регистрирана во Република Чешка.
Мијалков во анкетниот лист не ја пријавил фирмата во рок до 30 дена, како што налага законот, бидејќи како што образложува директорот на УБК во дописот до ДКСК, фирмата „Миртланис“ ја купил за 7.800 евра или 480.000 денари.
„Законската обврска налага само износи над 20 просечни плати да се пријавуваат во предвидениот рок, а сумата е под предвидениот минимум“, пишува во образложението на Мијалков до Антикорупциска комисија.
Директорот на УБК ѝ укажува на Антикорупциска комисија дека во анкетниот лист кој е јавно објавен не се ажурирани податоците за продажбата на фирмата „Service point MM“, за што Мијалков антикорупционерите ги известил во февруари 2011 година. Тој појаснува уште еднаш дека својот удел од 50 отсто од фирмата го продал на две лица, со што повеќе не поседува никаков сопственички удел во „Service point MM“.
фото: Телеграф
Освен овие промени во анкетниот лист, Мијалков во дописот до ДКСК ја појаснува и грешката за вредноста на накитот која ја напишал . Како што објаснува тој, грешката ја направил кога сумата на семејниот накит и часовниците, како и уметничките слики од евра ја претворал во денари, и при тоа тврди дека направил технички пропуст со тоа што додал една нула повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.