Изречениот притвор за господинот Мијалков е политичко, а не правно решение, вели за „Република“ адвокатот на Сашо Мијалков, Петар Василев.
- Не постои никаква основа за мерките на претпазливост да бидат укинати и заострени, бидејќи не е сменета ниту една околност во однос на моментот кога му се изречени. Аргументите на СЈО не соодветствуваат со реалноста – вели Василев за „Република“.
Според Василев, законот се крши по три основи кои ги потврдуваат сомненијата дека не станува збор за право и правда, туку за политика.
- Прво, спротивно на сите конвенции, господинот Мијалков и ние како негова одбрана воопшто не сме повикани да се произнесеме во однос на барањето на СЈО. Второ, нема ниту еден аргумент дека има некаква промена во околностите во однос на предметите кои се водат против господинот Мијалков. Трето, целосно се неосновани аргументите приложени во барањето на СЈО – смета Василев.
Одбраната на Мијалков најостро ги отфрла твердењата на СЈО дека тој има каква било поврзаност со наводните 11 милиони евра за кои СЈО побара притвор, а судот го усвои предлогот.
- Одбраната бара обвинителството и судот јавно да ги обелоденат наводните докази од причина што тврдиме дека такви не постојат и дека наводните трансакции немаат никаква поврзаност со г.Мијалков. Исто така, на страна од овие лажни тврдења, определениот притвор е незаконски поради фактот што г.Мијалков повеќе од година и пол ги почитува определените мерки на претпазливост, се јавува на сите покани од судот и обвинителството. Впрочем, дента кога е лишен од слобода се јавил во СЈО на покана на Катица Јанева и ниту планирал ниту превземал дејствија за бегство. На крај, целиот имот со кој располага г.Мијалков е јавен, заведен во јавните книги во РМ и во странство, а на судот и на обвинителството тој имот им е познат и досега , но судот и обвинителството не го сметале како околност поради која г.Мијалков може да се даде во бегство. Единствена причина поради која му е изречен притворот е да се прикрие бегството на Никола Груевски, односно да се скрие неспособноста и непрофесионалноста на државните органи – вели Василев за „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.