Франција изразува жалење за безизлезната ситуација во разговорите за името – ова е соопштението, кое од француската постојана делегација во ОН стигнало до грчкото претставништво и кое предизвикало вознемиреност и загриженост кај официјална Атина, пренесува дописникот на „Канал 5“ од Атина.
Зошто Франција издаде соопштение по новата рунда разговори во Њујорк? Зошто претходно не беше најавено? Зошто Франција, која секогаш во конкретното прашање ги поддржувала грчките позииции, сега изразува жалење? – ова се дел од прашањата за кои Атина се обидела да најде одговор, а кои ги анализира „Катимерини“.
„На соопштението не му претходеше никаква консултација со грчката постојана мисија. Веднаш беше известено Министерството за надворешни работи, кое даде наредба до нашата амбасада во Париз да достави нота до политичкиот директор на француското Министерство за надворешни работи, која се случи во вторник.
Дипломатски извори од француската престолнина велат дека грчката страна сакала да дознае зошто беше издадено соопштението и зошто токму во Њујорк. Впрочем, процесот на преговори за името трае многу години и Франција никогаш не сметала дека е соодветно да го коментира“, пишува „Катимерини“ објаснувајќи дека одговорот од Французите воопшто не бил смирувачки.
Официјален Париз одбрал да реагира од Њујорк поради тоа што таму се води процесот на преговори, а со соопштението, според грчкиот весник, сакале да упатат порака дека нерешеното прашање не може да трае до бесконечност.
Грчки дипломатски извори за „Катимерини“ коментираат дека сето ова може да е во рамките на новата улога што Франција сака да ја игра на Балканот, а и самиот Оланд го најави тоа од Словенија пред неколку месеци.
Франција, традиционално, секогаш била на страната на Грција, во 2008 година Караманлис како тогашен премиер доби поддршка од Саркози во Букурешт на самитот на НАТО, и токму поради тоа, пормената на ставот на Париз ја изненадило и затекло официјална Атина.
Паралелно со Франција и Германија во изминатиот период покажа интерес за проблемот со името. Канцеларката Меркел од прва рака, на средбата со Нимиц, се информираше за текот на разговорите меѓу Македонија и Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.