| четврток, 6 декември 2018 |

Петров најави повлекување на мандатите, ВМРО-ДПМНЕ велат не знае што збори

СДСМ нема да оди на локалните избори закажани за март годинава, а ќе ги вратат и мандатите, изјави Андреј Петров, секретар на партија, по карванот со автомобили организиран низ Скопје. Според него СДСМ останува на ставот дека нема да излезат на локални избори.

-Апсолутно нема да одиме на локални избори, нема да се вратиме во парламентот, ќе ги вратиме мандатите, а целокупната одговорност за продлабочување на политичката криза, која е најголема во последните десет години, ќе оди на контото на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ –  рече Петров.

Вели иако не го посакувале тоа немаат намера да прифатат ултиматум од страна на Никола Груевски.

-Мислам дека се помали се шансите да се надмине оваа криза, поради тоа што не постои спремност од другата страна за разговор, за дијалог, нешто што би значело и уважување и на другата страна. Уште еднаш би го повторил тоа што го реков по повод изјавата на амбасадорот Аиво Орав: Оној кој што верува дека само со комисија за утврдување на инцидентот, ќе се реши политиката криза, тој или е наивен или пак нема доволно аргументи на маса – рече Петров.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ваквата изјава. Велат изјавата на Петров е резултат на неговата неинформираност со она што таа веќе го презема неговата партија.

-Изјавата на Андреј Петров во делот каде што кажува дека се покомпактни од било кога и дека ќе одат до крај со бојкотот на локалните избори, не му ја земаме за зло, бидејќи очигледно Андреј Петров не е во тек со постапките кои СДСМ веќе ги презема-реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека Петров дал изјава која е непромислена и навредувачка кон бранителите од 2001 година, алудирајќи на зборовите на Петров кога вели дека оваа криза е најголема во последните десет години.

-Во 2001-та имаше вооружен меѓуетнички конфликт, во кој луѓе гинеа за одбрана на државата. Да се поистоветува тој вооружен конфликт со политичката криза која се обидува да ја создаде Бранко Црвенковски, а чиј соучесник е Андреј Петров е ниско и надвор од разумот. Да се поистоветуваат бранителите со Јани Макрадули, со Весна Бендевска, со Радмила Шеќеринска и Бранко Црвенковски е најголема навреда што СДСМ можеше да ја смисли-велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираше и СДСМ. И порача на ВМРО-ДПМНЕ, да не се крие позади бранителите, во реакција на нивното соопштение кое се однесува на изјавата на генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров, дека политичката криза која се случува во Македонија е најголемата после онаа во 2001 година.

-ВМРО-ДПМНЕ нека не се крие позади бранителите и нивните права, чиј закон свесно го блокира во Собранието. Аршинот кој го применија при донесување на буџетот, со бруталното суспендирање на демократијата во земјата, очигледно не им функционира кога се во прашање интересите на бранителите. Срамно е ВМРО-ДПМНЕ воопшто и да ги споменува бранителите. Што се однесува до изјавата на Андреј Петров, непобитен факт е дека после една деценија, ова е најголемата политичка криза со која се соочува земјата, предизвикана од страна на владејачката партија – се вели во реакцијата на СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top