| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани дишат загаден воздух над 100 дена во годината

скопје

Воздухот во Скопје годинава повеќе од 100 дена бил загаден со измерени концентрации над дозволеното. Податоците, заклучно со септември, како што објави МИА, покажуваат дека во Гази Баба концентрацијата на ПМ10 била над дозволеното 110 дена, во Лисиче 107, во Центарот кај Ректоратот 68 и во Карпош 56 дена. Високи концентрации на ПМ10 или суспендираните честички со дијаметар помал од 10 микрометри беа над дозволеното и во октомври, а максимумот е забележан на 3 и 4 овој месец, над 180. Покрај скопскиот, високи концентрации се бележат и во тетовскиот, битолскиот и кавадаречкиот регион.

Максимално дозволениот број денови со надминати вредности на суспендирани честички во годината е 35, а мерки се преземаат доколку има високи концентрации во пет последователелни денови. При надминување на граничните вредности, властите се должни да дефинираат мерки за намалување на концентрациите на загадувачката супстанција. Најважните гранични вредности за заштита на здравјето се вредностите зададени за концентрациите на суспендираните честички и азот диоксидот. Во Македонија, граничните вредности за ПМ10 во голема мера се надминуваат, а надминувањата на граничните вредности на НО2 се можни во околини со сообраќај. За останатите загадувачки супстанции, надминувањата на граничните вредности не се толку чести.

Покрај вредностите за заштита на човековото здравје, за заштита на вегетацијата се одредени критични нивоа. Тие се валидни за рурални земјоделски и шумски области и се одредени за заштита од ефектите на загадување на дрвата, останатите растенија и екосистеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top