Тимур Дибиров нема да игра за Русија на Европското првенство во Данска, а причина е кавгата меѓу него и селекторот на „баќушките“, Олег Кулешов, пренесува спортскиот портал „Екипа“.
Кулешов беше во Скопје, беше најавувано дека е сериозен кандидат за да биде тренер на Вардар, но сега е јасно зошто рускиот селектор не стана нов предводник на „црвено-црните“. Дибиров е влијателен ракометар во таборот на македонскиот првак, а кавгата меѓу него и Кулешов ќе ја чини многу и руската репрезентација.
– Дибиров беше со нас на последниот турнир, на кој се сретна со целиот тренерски тим и ни соопшти дека му е неопходен одмор од настапите за репрезентацијата. Ова, практично, значи дека Тимур нема да настапи на ЕП 2014 во Данска – е изјавата на Кулешов.
Потврда стигна и од Дибиров, а неговиот изостанок од ЕП е добра вест за Вардар. Едно од најдобрите ракометни крила во Европа ќе биде максимално подготвен за настапите во Лигата на шампионите и за одбраната на титулата во македонското првенство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.