| четврток, 6 декември 2018 |

За Џордан најдобар играч во НБА е Леброн Џејмс

Мајкл Џордан, изјави дека за него Леброн Џејмс во моментов е најквалитетниот играч во НБА лигата, иако тоа до неодамна беше Коби Брајант

lebron-500

Промената на ставот на Џордан, меѓу другото, е резултат на повредата на Брајант и неизвесноста за неговото враќање на теренот.

– Тешко е да се избере и да се каже кој е најдобар играч. Сепак, во моментов тоа е Леброн поради сѐ што е способен да стори. Коби сѐ уште се опоравува од повреда и во неговите години никогаш не се знае на кое ниво ќе биде кога повторно ќе се најде на паркетот – заклучи Летачкиот Мајк во интервју за домашните медиуми.

Во претходните изјави, Џордан секогаш му даваше предност на Коби, а како главна причина ги наведуваше петте титули што Брајант ги освои со Лос Анџелес Лејкерс, во споредба со двете на Леброн и неговите Мајами хит.

Мнозинскиот сопственик на Шарлот „Бобкетс“ минатиот месец даде изјава за НБА „2К14“, каде што исто така ја допре темата. Во таа ситуација, тој кажа дека во своите златни денови можел да го совлада Леброн во дуел „еден на еден“, а дека тоа би било многу тешко со Коби, бидејќи тој ги „украл“ сите негови потези.

Искусниот Брајант е повреден и неизвесно е кога ќе може да заигра повторно. Во минатата сезона во просек постигнуваше по 27,3 поени, а запишуваше и 6 асистенции и 5,6 скокови на натпревар.

Колку повредата на „Црната мамба“ ќе влијае на неговата форма, како и кој од двајцата ривали ќе биде поуспешен оваа сезона преостанува да видиме, затоа што новата натпреварувачка кампања само што тргна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top