Од денеска сите одобренија што се поврзани со градба се добиваат по електронски пат, соопшти министерот за транспорт и за врски Миле Јанакиески по средбата со претставниците на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС), на која ги информираше за одредбите од Законот за градење.
– Најголемиот број од општините се подготвени за прием на одредбите од Законот за градба, кои предвидуваат електронски систем на давање на сите дозволи поврзани со градба. Досега на ваков начин се издадени 205 одобренија – рече Јанакиески.
Електронскиот систем на давање дозволи, како што соопшти Јанакиески, овозможува следење на постапката од поднесување на барањето, па до добивањето одобрение, што му овозможува на инвеститорот во секој момент да знае до каде е реализирањето на неговиот предмет.
Претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски, рече дека реализацијата на системот за електронско давање одобренија за градба покажало дека општините, во соработка со централната власт, можат да реализираат еден вака сложен систем.
– И покрај скептицизмот што владееше кај локалните власти дека ќе се успее да се реализира ваков процес, покажавме дека можеме да го реализираме тоа со заедничко ангажирање. Само за пет месеци, од јуни, кога почнавме со системот ,во информатичкиот систем се внесени вкупно 1.044 барања, постапката е завршена по 436 предмети и се издадени 205 одобренија за градење – рече Трајановски.
За да им се помогне на луѓето од локалната администрација што не успеале да се вклопат во работењето на системот, министерот Јанакиевски најави уште неколку семинари за нивно обучување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.