| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: Продолженото породилно е чекор напред во правата на жената

Dime Spasov, intervju

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, тврди дека користа од воведувањето неплатено родителско отсуство во траење од три месеци е неколкукратна и оти на таков начин се дава дополнително право и можност за мајките, се прави чекор напред и се унапредуваат правата.

– На ова прашања мора да му се пријде од повеќе аспекти. Можеби во воведувањето на некоја измена, или воведувањето на ново право секогаш се гледа со малку скепса, и секогаш се бара повеќе. Но, во овој случај, одговорно тврдам дека бенефитите се неколкукратни и дека е добро што се дава дополнително право и можност за мајките, се прави чекор напред и се унапредуваат правата. Прво, со евентуалното воведување на дополнителното право на неплатено родителско отсуство се дава можност мајката подолг временски период да биде со своето дете, односно да посвети повеќе време на неговото одгледување и нега. Второ, се избегнува потребата до едногодишна возраст детето да оди во градинка или некој друг да се грижи за него. Според практиката во нашата земја, голем број на родители во периодот на помала возраст на детето, на пример до три години, ангажираат жени за одгледување на детето за што издвојуваат значителен износ на средства од својот буџет – вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Од наведените причини, вели Спасов, сметам дека истото право би го користеле поголем број на мајките затоа што децата секогаш им се приоритет. Исто така, додава тој, се предвидува и заштита на мајката да не може да ѝ се даде отказ, со што, како што истакнува, се гарантира нејзиното враќање на работа.

– Дополнителна мотивација за користење на ова ново право е што за тој временски период ќе има обезбедена здравствена заштита. Вакво право постои во повеќе европски земји. Модалитетите за користење на оваа право секоја земја го утврдува во своето национално законодавство и се разликува по должин и флексибилноста. Оттука, сметам дека постои доволна силна аргументација во насока на воведување на ова ново право – вели министерот Спасов.

Во постојниот закон, појаснува Спасов, работниците во согласност со колективните договори имаат право да земат неплатено отуство од работа за најразлични причини, но со ова право не се опфатени мајките кои биле на породилно отсутво од работа.

– Токму поради тоа предлагаме измена на Законот за работни односи, при што мајките ќе ја добијат оваа можност секако доколку сакаат и исто така доколку забременат повторно за време на 3-месечното неплатеното отсуство од работа да имаат право повторно да користат породилно отсутво од 9 месеци – вели Спасов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top