„Недостигот од идеи и од проекти СДСМ се обидува да го компензира со веќе воспоставена практика на изнесување лаги и манипулации во јавноста, злоупотребувајќи ги јавно достапните информации, кои може да ги прочитаат сите граѓани“, се наведува во реакцијата на директорот на Управата за безбедност и за контраразузунавање, Сашо Мијалков, по обвинувањата изнесени од Радмила Шекеринска.
„Таа практика има за цел извртување на фактите во насока на дискредитирање на личности, без разлика на тоа дали се има или не аргументи или докази. Изминативе седум години и изминатите седум изборни циклуси, докажаа дека оваа практика е беспредметна и несериозна, дотолку повеќе, што за најголем дел од искажаното денес веќе еднаш имаше прецизен, детален и недвосмислен одговор“, се вели во реакцијата на Мијалков.
Заменик-лидерот на СДСМ Шекеринска денеска од собраниската говорница праша како Директорот на управата за безбедност и за контраразузнавање, Сашо Мијалков, успеал за пет години да го зголеми имотот за 1,6 милион евра, од 1,1 на 2,7 милиони евра. Потоа додаде дека во анектниот лист од 2008 година Мијалков пријавил само еден сопственички удел во домашна фирма, за во последниот анкетен лист да е сопственик на две домашни и на две странски фирми.
„Сепак, во интерес на јавноста и на вистината, ќе ја повторам фактичката состојба. Целосна лага и измислица се наводите за противзаконско богатење. Моите блиски и јавноста знаат дека пред стапувањето на функција, повеќе од 20 години сум се занимавал со приватен бизнис и дома и во странство, главно во областа на градежништвото. За сите овие години, против мене не е поднесена ниту една пријава, што е уште е еден доказ на кој начин може и треба да се работи. Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски. Тогаш, појаснив дека мојот удел од 50 проценти во фирмата регистрирана 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, односно во две одвоени трансакции по 25 проценти, кои вредеа по 500.000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист. Од таму се тие милион евра кои тогаш ги наведуваше Бошковски, а сега Шекеринска, споредувајќи ги со оснивачкиот влог во фирмата. Бошковски за истите клевети беше тужен и прогласен за виновен, по што и јавно се извинуваше дека самиот бил доведен во заблуда и манипулиран. Единствената разлика со првиот анкетен лист е во вредноста на накитот. Имено во првиот анкетен лист вредноста е наведена во евра, а во вториот во денари. Можам да потврдам дека во првиот анкетен лист е направена ненамерна техничка грешка, која е корегирана во вториот“.
„Доколку Радмила Шекеринска поседува барем еден доказ во поткрепа на изречените клевети, ја повикувам уште утре да го приложи на Јавниот обвинител или Управата за јавни приходи. Јас сум подготвен под целосна морална и материјална одговорност да одговорам на сите наводи. Доколку не го стори тоа само ќе потврди дека целта на СДСМ не е расчистување на некакви сомнежи, туку обид да ја дефокусираат јавноста од сите афери што ги следат и од очигледниот дефицит на капацитет на актуелното раководство во водењето на СДСМ“, се додава во реакцијата на Сашо Мијалков.
„Затоа ја повикувам Радмила Шекеринска јавно да се извини за изречените неосновани обвинувања бидејќи собраниската говорница не смее да служи како параван и заштита од судската одговорност за сторени клевети и навреди“, се вели во реакцијата на Мијалков, кој го доставува и одговорот, кој по истите обвинувања на Бошковски беше испратен до Државната комисија за спречување корупција на 10.2.2011 година, односно неполни три години пред Шекеринска, како што додава, „повторно да реши, во недостиг на идеи, да актуализира веќе правно чист случај“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


