
Српскиот ракометен интернационалец Милан Чоровиќ (29 години, 192 см, 102 кг) е нов ракометар на Металург. Тој игра на позиција централен и лев бек, а во Металург доаѓа по тригодишен ангажман во ОАЕ, каде што две сезони бил играч на Шаржа и една на Ал Аин. Во минатата сезона беше најдобар стрелец во таа лига, со 145 постигнати гола на 16 меча.
Чоровиќ се враќа во Металург по седум години, а познат е по златниот гол постигнат на две секунди до крајот на средбата Металург – Вардар, гол кој на Металург му ја донесе првата титула во првенството на Македонија, во 2006 година – велат од Металург.
Чоровиќ потпиша едногодишен договор, со можност да се продолжи за уште една (1 + 1).
– Многу сум среќен што се вратив во Металург, со кој ме врзуваат само убави спомени. Со Металург првпат во историјата на клубот ја освоивме двојната круна, а по моето заминување Металург прерасна во голем и амбициозен клуб, кој во континуитет се натпреварува во ЛШ и бележи завидни резултати. Тоа е еден од главните мотиви за моето враќање. Посебно ме радува и ми прави чест тоа што ќе можам да учам и да работам со еден од најголемите ракометни стручњаци во светот, Лино Червар – стои во изјавата на Чоровиќ објавена на сајтот на Металург.
Директорот на Металург, Левче Китевски вели дека повредата на Филип Миркуловски ги натерала да ангажираат уште еден играч, кој ќе го надополни кусокот на левата и на центаралната бековски позиции.
-Имавме неколку играчи предвид, а во најтесниот круг влегоа двајца поранешни ракометари на Металург, Божидар Маркичевиќ и Милан Чоровиќ. Конечниот збор околу изборот го имаше нашиот стратег Лино Червар, кој, по одработените контролни тренинзи, реши Чоровиќ повторно да биде дел од екипата на Металург. Милан пред седум години беше во Металург и добро ни се познати неговите квалитети. Сега на својот грб има дополнителни седум години искуство и се надеваме дека ќе и помогне на нашата екипа – вели Китевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


