Според официјалната верзија Јосип Броз Тит со сопругата Јованка целосно престанал да комуницира во 1977 година кога од Стари двор се преселил во резиденцијата која подоцна е претворена во Куќата на цвеќето.
Сепак, еден од припадниците на посебната единица за обезбедување на поранешна ЈНА, пензионираниот заставник прва класа, Лазо Шупиќ тврди дека има најмалку десетина живи сведоци кои можат да посведочат дека сопружниците се гледале тајно или полутајно и потоа, дури и надвор од Белград, за што наводно постоеле и фотографии.
– Не знам дали е во прашање борба за титовата оставнина или нешто друго, но несфатливо е јавноста да прифати верзија дека Тито и Јованка не се гледале откако се разделија во 1977 година. Тоа е потполно неточно. Лично бев сведок на нивна средба во Вила Равна на Фрушка Гора и таа, но и следната година. Заедно беа на помалку од метар од мене. Седеа и ја гледаа мојата демонстрација со неколку дресирани волчјаци од нашата единица која го обезбедуваше. Демонстрирав дури и скок на волчјак низ огнен обрач. Потоа ми честитаа, а после тоа се фотографиравме, тврди Шупиќ, носител на орден за народ на тогашната СФРЈ кој е во пензија од 1988 година и живее во Нови Сад.
Според неговите зборови, средбата на Јованка и Тито на Фрушка Гора не му оставила впечаток дека сопружниците се во кавга, туку дека двајцата биле жртви на опкружувањето за „власт и богатство“.
– И Тито и Јованка беа сосема обични луѓе. Па тој знаеше да побегне на обезбедувањето и да дојде кај нас затоа што обожуваше кучиња. Зборувавме за раси на кучиња, за најделотворни дресури… Сето тоа го интересираше затоа што освен пудлицата со која обично се фотографираше имаше и уште еден волчјак, открива Шупиќ.
Авторот на последната исповед на Јованка Броз, Жарко Јокановиќ тврди дека е невозможно Тито и неговата сопруга да се гледале во тој период затоа што Јованка му рекла дека воопшто не излегувала од Ужичката улица од 1977 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.