Фудбалот во Македонија со децении тапка во место, а дека суетите се огромни покажа и денешната прескромна прослава на 20-годишнината од првиот меч на нашата репрезентација против Словенија во Крањ. Тогаш се радувавме на одличната игра на македонската репрезентација и на победата од 4-1 против Словенија, а денеска рамнодушно славиме две децении од почетоците.
Најголемите ѕвезди од тој период Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски и Чедомир Јаневски од „оправдани“ причини не се појавија на закажаната средба со своите соиграчи од пред две децении и со селекторот Андон Дончевски. Дончо „национале“ им беше и тренер во Вардар, многумина го сметаат за свој втор татко, но денеска покрај себе тој ги немаше своите играчи Даре, Илија, Цапар и Четка. Од „оправдани“ причини, велат во фудбалската федерација на Македонија. Иако и врапците знаат дека има несогласувања меѓу раководната структура на ФФМ предводена од Илчо Ѓорѓиоски и дел од легендите на мак-фудбалот.
Организацијата на натпреварот меѓу членовите на првата македонска селекција и ветераните во силен состав, предводени од Васоски, Христов, Седлоски, Николовски, Трајановски, Захариевски….. е посебна приказна. Наместо спектакл каков што заслужува 20-годишен јубилеј на национална репрезентација, добивме обична церемонија организирана во работен ден – понеделник, во работно време од 14,30 часот, на обично игралиште во комплекс центарот на ФФМ.
Тоа сепак не ја оправдува ниту постапката на дел од легендите. Денеска не славеше јубилеј Илчо Ѓорѓиоски, туку токму тие, првата генерација репрезентативци на Македонија. Оправдување не треба, само требаше да се појават, да го поткренат барем за едно скалило прескромниот чин и да укажат на пропустите на оваа гарнитура што ни го води фудбалот. Вака си продолжува приказната за многу недоразбирања и длабок јаз во односите на тие што ни приредуваа многу радост на фудбалските терени во минатото и заслужено го носат епитетот легенди, со челниците на федерацијата. И тоа трае премногу долго, комплетно на штета на македонскиот фудбал и со пораз на двете страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“