СДСМ во скопската општина Карпош постави неколку прашања до градоначалникот Стевчо Јакимовски. во целост го пренесуваме денешниот настап на СДСМ.
„Еве ја општинската зграда на администрацијата на Општина Карпош. Камен темелник на зградата беше удрен пред една година на 11 Октомври 2012 година . Тогаш градоначалникот изјави дека новата зграда ќе чини нешто помалку од 3 милиони евра и ќе биде готова за 8 месеци. За да ја изгради општинската зграда го продаде училиштето Братство во Нерези за 2,7 милиони евра. Тврдеше дека тие пари се наменети за изградба на општинската зграда. Денес, една година потоа немаме училиште, немаме зграда на општината и немаме пари! Го прашуваме Стевчо Јакимовски, што направи со 3 милиони евра? Каде се тие пари?
Дали е точно дека општината денес е задолжена над 15 милиони евра? Зошто фирмите не сакаат да чујат да се јават на тендерите на општина Карпош? Зошто општината не ги исполнува своите обврски, ништо не гради, ништо не исплаќа, освен плати на вработените, а и тие со задоцнување! Како тоа од најуспешна општина во Македонија ја доведе на ова дереџе?
Стевчо Јакимовски, кој го користи секое појавување во јавноста да омаловажи некој од своите колеги, градоначалници и поранешни партиски другари, да ги обвини дека не водат сметка за интересите на граѓаните во нивните општини, туку се занимаваат со висока политика, секојдневно на дело покажува дека повеќе се грижи за својата партија , отколку за граѓаните на Карпош.
Затоа, во оваа прилика му се обраќаме јавно: Господине Стевчо Јакимовски, се прашуваме како ќе ги убедите граѓаните на Македонија дека може да ја водите државата, кога без поддршката од СДСМ не можете да ја водите ни општината?“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


