| четврток, 6 декември 2018 |

Се избира наследник на Саакашвили

h_51058558Грузија денеска го избира својот нов претседател, по еднодецениското владеење на претседател Михаил Саакашвили, пренесоа британските медиуми.

h_51057268За фаворит на првиот круг се смета Георги Маргвелашвили, кандидат на владеачката коалиција „Грузиски сон“ на премиерот, милијардер, Биџина Иванишвили, што победи на парламентарните избори оддржани минатата есен.
Евентуалниот избор за претседател на 44-годишниот Маргвелашвили, кој е филозоф по образование, би ја засилила власта на „Грузиски сон“, забележуваат британските медиуми. Можно е, меѓутоа, тоа да не трае долго, бидејќи Биџина Иванишвили изјави дека ќе поднесе оставка по претседателските избори. Маргвелашвили е ексминистер за образование и поранешен вицепремиер. Тој е недоволно познат во јавноста. Неговата главна надворешнополитичка цел е да ги продолжи тесните врски на Грузија со Западот, но и со Русија – баланс, што земјата и онака не успеа да го постигне, забележуваат агенциите.

h_51057269Главни соперници на Маргвелашвили се Давид Бакрадзе (41), кој беше номиниран од партијата на Саакашвили „Единствено национално движење“, и Нино Бурџанадзе (49). Бакрадзе беше претседател на парламентот од 2008 до 2012 година и е математичар по образование. Бурџанадзе е една од водечките фигури на грузиската Револуција на розите од 2003 година. Кога Саакашвили беше избран за претседател, таа стана претседател на парламентот, но поднесе оставка на почетокот на 2008 година и почна да го критикува постигнатото од претседателот во областа на демократијата. Бурџанадзе е адвокат по образование.

Според анкетата на Националниот институт за демократија Маргвелашвили во првиот круг ќе освои 39 проценти од гласовите, Бакрадзе – 18 проценти, а Бурџанадзе – 13 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top