| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: И Филе е свесен дека почетокот на преговорите не зависи од него (видео)

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, попладнево во зградата „Берлемонт” во Брисел одржа средба со комесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе.

На средбата што траеше околу едне час, Груевски и Филе ги размениле информациите околу последнито извештај на Еврокомисијата за нашата земја и следните предизвици за Македонија на евроинтегративниот пат.

– Најпрво му се заблагодарив на комесарот Филе за извештајот што го доби Македонија од Унијата и за трудот што тие како Комисија го вложиле за да ги направат оценките и да ја претстават ситуацијата. Подоцна во разговорот се задржавме на некои детали во врска со нашите европски процеси досега и во иднина, на сите поважни почувствителни работи, дискутирајќи во правец на тоа дека како и претходните години, и годинава Владата ќе состави еден Акциски план што ќе произлезе од укажаните слабости во самиот извештај, со цел во текот на наредните 12 месеци тие слабости да бидат отстранети, истакна премиерот Груевски во изјава за МИА по завршувањето на средбата.

gruevski

Според првиот човек на македонската Влада, со Филе разговарале за повеќе детали, за повеќе серии, за повеќе случувања во односите на Македонија со ЕУ. Тој вели дека со еврокомесарот ќе продолжат да бидат во комуникација и дека се надеваат оти наскоро ќе продолжи и процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), со надеж дека ќе се најде решение како да се придвижат работите во правец на отпочнување на преговорите за членство.

– Тоа не е лесно прашање и не зависи од самиот Филе, туку зависи од друг, зависи од нашиот јужен сосед. Но, и на комесарот за проширување не му е сеедно што е ваква ситуацијата. Пет години по ред добиваме позитивни извештаи, пет години по ред добиваме препорака за почеток на преговорите од страна на Комисијата и пет години по ред Европскиот совет не е во можност таа препорака да ја преточи во преговори заради една земја-членка, односно нејзиното противење со нашето име на државата, на јазикот и на нацијата, додава Груевски.

Тој истакна оти од тој аспект ситуацијата е сложена.

– Со Филе разговаравме од сите сегменти и политички и техничките, реформските аспекти. Имавме добра средба во смисла на размена на информации. Ќе останеме во контакт и ќе продолжиме да работиме колку што можеме на нашиот пат за зачленување во ЕУ, вели македонскиот премиер.

Од Европската комисија  за попладнево најавија дека ќе испратат соопштение за деталите од средбата Груевски-Филе. Покрај денешната средба со комесарот, Груевски доцна синоќа во Брисел оствари неформална вечера со Кристијан Даниелсон, новиот директор на Директоратот за проширување на Унијата, и со Пјер Вимонт, генерален секретар на Европската служба занадворешни работи (ЕЕАС).

– Тоа беше добра можност во една неформална атмосфера да поразговараме за сите аспекти на нашето работење, за достигнувањата, за прогресот, за слабостите и за тоа како ние гледаме, а како тие гледаат на работите. Имавме размена на информации и од нив ја слушнавме нивната перцепција, што беше многу корисно за нас и се надевам и за нив и обично таквите неформални разговори се значајни во оваа работа, додава шефот на македонската Влада.

По синоќешната вечера со европската двојка, Груевски имаше и неформална средба со премиерот на Бугарија, Пламен Орешарски со кого, како што вели премиерот, размениле мислење за нештата што се поврзани, т.е. што ги поврзуваат двете држави и за сите аспекти што се значајни за двете земји.

– Поразговаравме и за договорот на кој нашиот сосед Бугарија инсистира да се постигне за пријателство и одредени детали во врска со него. Разговорот беше во пријателска атмосфера, во добра атмосфера и се надевам дека од овој разговор ќе има понатамошни разговори што ќе вродат со плод, вели Груевски.

На прашањето дали по вчерашната изјава на екс-премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој за МИА кажа дека неговата земја не треба повеќе да ја блокира Македонија на Советот, Орешарски споменал нешто во таа насока, поготово што доаѓа од оној што прв ја почна играта со бугарски блокади во ЕУ на Македонија, македонскиот премиер со одговор:

– Борисов вчера даде изјава која е за поздравување, изјава на место што се надевам дека ќе стане и начин на функционирање и работење на нашиот источен сосед, Бугарија. Средбата со Орешарски беше во добра атмосфера и навистина се надевам дека истата ќе се преслика и во десјтвувањето на луѓето што се во ЕУ испратени од страна на Бугарија. Ние имаме волја да најдеме начин да се заврши текстот на тој договор на кој толку се инсистира за пријателство. Не гледаме ништо лошо во тоа. Се работи на истиот, работните групи многу работеа на тоа, а ќе продолжи и на повисоко ниво и се надевам дека работите ќе отидат во еден добар правец и динамика, посочи Груевски.

Претседателот на македонската Влада по средбата со Филе веднаш замина за Македонија, најавувајќи негови почести посети на Брисел и средби со првите луѓе на Европската унија со цел Македонија да ги почне заслужените преговори за членство во Унијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top