| четврток, 6 декември 2018 |

Чие враќање е повпечатливо во 2013, на Надал или на Робредо?

Шпанскиот тениски тандем Рафаел Надал и Томи Робредо се главни кандидати за наградата највпечатливо враќање во 2013 година, а кандидати се и Индиецот Сомдев Деварман и Американецот со руско потекло Дмитри Турсунов.

Надал има импресивна сезона откако лани паузираше цели 7 месеци по проблемите со колената. Во февруари годинава се врати на тениските терени и игра фантастично. Освои 10 титули во 2013 година, играше во 13 финалиња, а два трофеи се исклучително значајни. Надал по осми пат го освои Ролан Гарос во Париз, вторпат беше најдобар и на ОП на САД во Њујорк, а го израмни и рекордот со 5 титули во иста сезона на турнирите од мастерс- серијата. Шпанецот експресно се врати на врвот и е лидер на светската ранг-листа, со што се чини е речиси сигурен добитник на наградата „Враќање на годината“, што ја доделува АТП.

Солидно враќање имаше и Робредо со скок од 115. позиција на 19. место на листата на АТП. Томи имаше операција на ногата, а потоа веднаш по враќањето освои две титули, во Казабланка и во Умаг. На гранслемот во Париз стана првиот тенисер во историјата на играта што дури трипати се врати од 0-2 во сетови, а впечатлива е и победата против Роже Федерер на ОП на САД, прва над Швајцарецот во 11 меѓусебен меч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top