„Нашиот став по основа на ова прашање секогаш јасно го кажуваме, дали тоа било прифатливо или не, име вакво, ’Горна‘, ’Северна‘ или слично за Република Македонија, за нас е неприфатливо“.
Патриотскиот настап на лидерот на СДСМ кај повеќемина остави впечаток дека повеќе е почеток на изборна кампања, отколку сериозна намера за промена на партискиот став во однос на македонската позиција во спорот за името. Впечатокот дека, можеби, реакцијата е задоцнета се добива поради низата изјави на раководството на партијата во изминатиот период, кои грчката страна ги искористи за зацврстување на своите позиции, кои во исто време им нанесоа штета на македонските позиции во спорот за името.
Но, пред потегот да се осуди како несериозна и задоцнета реакција, популизам, или, пак, да се каже дека станува збор за имитирање на ВМРО-ДПМНЕ, мора да признаеме дека е добро и домашната и меѓународната јавност да чујат дека сите Македонци се единствени по прашањето за името, нешто на што веќе подолг период апелираме и ние како медиум. Впрочем, за да се формира национална стратегија по овој проблем, која, сите се согласуваме дека ни е повеќе од потребна, неопходно е некој да го промени претходниот став. Па, оттука, подобро да постигнеме единство некогаш, отколку никогаш. Затоа, потегот на лидерот на опозицијата би можеле да го поздравиме и да го оцениме како прагматичен и во интерес на граѓаните, но само под услов ако станува збор за искрен став на опозицијата, кој нема да го злоупотреби за предизборна кампања, на кој ќе остане доследна и по изборите, а особено кога би се вратила на власт.
Но, за да се убеди јавноста дека овој пат Заев и опозицијата ја прифатија реалноста и волјата на мнозинството македонски граѓани во однос на ова прашање, потребно е многу повеќе од декларативно оградување од некои непристојни предлози и патриотско изјаснување за зачувување на името.
Гледајќи во минатото, тоа ќе биде ѓаволски тешко.
Кој ќе му поверува на Заев во решеноста цврсто да го брани името, кога истиот тој пред извесно време зборуваше за „свиткани кичми“?
Кој ќе поверува во патриотизмот на Заев кога само еден месец по локалните избори се огради од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Струга и во Кичево образложувајќи дека не било во природата на социјалдемократите да играат на патриотизам?
Кој ќе поверува во нивната стабилност кога досега неколку пати го променија ставот за ова прашање?
Дали се работи за стратегија на СДСМ, која ќе биде долгорочна и стабилна, а нема да зависи од тешки моменти и желба да се сврти правецот по кој оди партијата? Доколку СДСМ е цврсто решена до крај да ги брани националните интереси и кога еден ден ќе победи на избори тогаш ќе ја има поддршката и на „Република“, но, во исто време, треба да знаат дека ако се работи за евтин популизам со кој досега немаа успех и од кој ќе се откажат веднаш штом ќе дојдат на власт, тогаш имаат сериозен проблем, не со медиумите, туку со народот, кој, без сомнеж, ќе знае да ја процени искреноста.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.