| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ прави театар

opstina centar

Денешната седница на Советот во Центар покажа дека за СДСМ е поважно политиканството наместо интересите на граѓаните. Излегувањето на советниците на СДСМ од седницата на Советот, која сами ја свикаа, ја покажа целокупната фарса на СДСМ и на градоначалникот Андреј Жерновски, изјави денеска Томислав Лазаров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.

Тој смета дека СДСМ свикала седница која сега сами ја бојкотираат.

– ОД СДСМ самите себе се блокираат во Општина Центар на штета на граѓаните. Советниците на СДСМ и нивната коалиција по своја иницијатива ја свикаа оваа седница на чиј дневен ред беше разгледувањето на програми на 3 градинки и едно основно училиште и наместо да се донесе одлука во интерес на граѓаните, тие самите неодговорно ја бојкотираа Општина Центар – коментира Лазаров.

Лазаров обвини дека за секое закажување седница се прават нови трошоци и дека секоја закажана, а неодржана седница паѓа на товар на граѓаните на Центар.

– СДСМ со ова покажа дека целосно ја става во своја партиска функција работата на Општината. Според логиката на СДСМ, Општина Центар треба да престане да работи – рече тој и додаде дека советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да ги поддржат овие точки на дневен ред и на тој начин да покажат дека секогаш кога во интерес на граѓаните треба да се донесат одлуки, тие конструктивно ќе учествуваат во работата на Советот.

– Ние немаме намера да правиме театар како што прави СДСМ од случај којшто го водат надлежните институции. Ние имаме намера да работиме за граѓаните на Центар, бидејќи од нив сме ја добиле довербата токму за тоа – додаде Лазаров.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top