ЗНМ денеска писмено побара од премиерот Никола Груевски прашањето за аболиција на осудениот новинар Томислав Кежаровски да го постави на дневен ред на наредната седница на Владата.
ЗНМ бара интервенција од премиерот затоа што веќе два месеци нема добиено одговор на предлогот за аболиција, што го доставиле до министерот за правда, Блерим Беџети.
– Сега сѐ е во рацете на премиерот Груевски, кој реално може да го искористи својот неспорен авторитет во Владата и да му наложи на министерот Беџети да ја покрене постапката за аболиција кај претседателот Ѓорге Иванов. Се надевам дека Груевски нема да ја испушти оваа можност да покаже пред светот дека македонската влада води сметка за слободата на изразување – рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Тој вчерашното однесување на полицијата на мирниот протест на новинарите го оцени као уште една демонстрација на сила и порача дека на полицијата треба да ѝ е јасно дека новинарите не се плашат и оти тоа е уште еден погрешен чекор на Владата, која „наместо да разговара, проблемите ги решава со сила“.
– Нема да го заборавиме Кежаровски, од денеска па натаму, секој ден, пред една државна институција ќе држиме прес-конференција за да ѝ укажеме на власта што треба да прави за случајот – најави Селмани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.