По првичните високи оценки за француското издание на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, објавени во парискиот дневник „Фигаро“, во неделникот „Пари Мач“, како и во „Медиапарт“, потпишани од критичарите Астрид де Ларминат, Франсоа Леставел и Домоник Конил, медиумите во Франција продолжуваат да го свртуваат вниманието на читачката публика.
Во угледниот париски „Ле Поан“ (“Le Point”) се огласи Ерик Ноло, еден од најпознатите современи француски критичари. Согледувајќи го делото „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во контекстот на актуелните книжевни текови, Ерик Ноло подвлекува: „Романот на Смилевски создаде ентузијазам од планетарни димензии“.
Дневниот весник „Ле Телеграм“ (“Le Telegramme”) во својата анализа се задржува на идеите врз кои е создаден романот на Гоце Смилевски. Повикувајќи се на американската критика, која по објавувањето на „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во издание на „Пингвин“ од Њујорк констатира дека романот е „вистински скапоцен камен, длабоко потресен, едноставно речено, неодминлив“, критичарот на „Ле Телеграм“ пишува: „Исклесаните ликови, прецизниот стил и ерудицијата во романот, на Гоце Смилевски му обезбедија интернационалната критика да го споредува со Гинтер Грас.“
Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на француски јазик се појави во издание на „Белфон“ од Париз, а во превод на Харита Вибрандс и Артур Вибрандс. Делото веќе доживеа промоција во Париз, како и на Саемот на книгата во Нанси.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.
Линк: „Л Телеграм“ http://www.letelegramme.fr/ig/loisirs/livres/la-haine-refoulee-20-10-2013-2274595.php
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.