
Со проекција на филмовите „Штрумофови-2“ во 17 часот и „Гравитација“ во 20 часот, денеска националната установа Центар за култура во Битола ќе го промовира и отвори првото дигитално 3-Д кино во овој град.
Како што истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, почетокот на редовниот репертоар ќе се одвива под мотото „Се гледаме на кино“ кое е опремено со ултра модерен дигитален 3-Д кино проектор од водечкиот светски производител на дигитални проектори „Барко“ со можност за проекции во висока 2К резолуција.
– На репертоарот ќе има филмови за сите генерации, за децата, тинјџерите и за возрасните. Првите изненадувања ќе бидат приредени денес бидејќи го ребрендиравме фоајето на центарот за култура, посетителите ќе може да купат пуканки и да се фотографираат со кукли на јунаците од понудените филмови, а за првите гости ќе има и други изненадувања, посочи Димитровски.
Новото кино е со капацитет од 800 седишта кои за 3-Д филмовите ќе бидат ограничени на 400 седишта. Постоечкото кино платно е заменето со ново високо рефлективно, а за новиот сараунд звук инсталиран е Долби систем ЦП-650.
– Со овој зафат градот добива современо кино со кристално чиста слика и перфектен звук. Кино репертоарот ќе се одвива во текот на целата година и притоа ќе бидат емитувани светски кино-хитови меѓу кои на 21 ноември, премиерно во Македонија ќе биде емитуван филмот „Советникот“ кој директно доаѓа од Холивуд. За потребите на кино-публиката во Битола ќе соработуваме со кино-дистрибутерите „Филипс филмс“, „Континентал филмс“, „МЦФ мегаком филмс“ и други постојани соработници, потврди Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


